Трамп ги поттикнувал Венецуела и Ирак да излезат од ОПЕК

Објавено:

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно оваа година ги поттикнувала Венецуела и Ирак да размислат за напуштање на ОПЕК, а истовремено ја спречила јужноамериканската држава да ја плати годишната членарина во организацијата, тврдат лица запознаени со прашањето.

Венецуела и Ирак се две од петте основачки земји на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), основана со цел заедничко координирање на нафтениот пазар и спречување еднострани потези на поединечни производители на овој енергент.

Новите сознанија укажуваат на невообичаено директен притисок од Трамп врз организацијата, која тој веќе подолго време ја обвинува дека вештачки ги одржува високите цени на нафтата.

Обединетите Арапски Емирати ја напуштија ОПЕК во април, а американскиот министер за енергетика Крис Рајт тогаш изјави дека САД не влијаеле врз таа одлука.

Американскиот притисок врз Венецуела отишол дотаму што во текот на летото морал да интервенира и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, убедувајќи ја администрацијата на Трамп веќе да не инсистира на ова прашање, откриле луѓе запознаени со ситуацијата.

Ирачкиот премиер Али Фалех ал Заиди на седница на владата ова лето ја изнел можноста за напуштање на ОПЕК, откако разговарал со американски функционери кои ја поттикнувале таа идеја, тврдат извори запознаени со разговорите.

Ирачкото Министерство за нафта се спротивставило на предлогот, барајќи од Ал Заиди Ирак да остане во организацијата и наместо тоа да размисли за барање поголема производствена квота, пренесува Ројтерс.

САД имаат силно влијание врз двете земји. Вашингтон го контролира пристапот на Венецуела до државните средства по соборувањето на Николас Мадуро во јануари, додека приходите на Ирак од нафтата и натаму минуваат преку сметка во САД, што е наследство од американската инвазија врз Ирак во 2003 година.

Овие потези на САД дополнително ја оптоваруваат организацијата, која од 2019 година веќе изгуби четири членки, а чиј удел на светскиот нафтен пазар неодамна се намали на најниско ниво поради нарушувањата предизвикани од американско-израелската војна против Иран.

Ангола ја напушти ОПЕК во 2024 година, Еквадор во 2020 година, а Катар во 2019 година.

Трамп во текот на својата повеќедецениска деловна и политичка кариера повеќепати ја напаѓал ОПЕК, нарекувајќи ја картел и група монополисти кои профитираат на сметка на остатокот од светот.

Во меѓувреме, САД станаа најголем производител на нафта во светот, преминувајќи од купувач на нафтата на ОПЕК во нејзин главен конкурент, пренесува Ројтерс.