Притвор до 30 дена за сопственикот на „Информер“

Објавено:

Судијата за претходна постапка на Вториот основен суд во Белград го прифатил предлогот на обвинителството и му одредил притвор до 30 дена на уапсениот сопственик и главен уредник на кабелската телевизија и таблоидот „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, објавија синоќа белградските медиуми.

Вучиќевиќ, првиот човек на „Информер“, медиум близок до поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и Српската напредна партија (СНС), беше уапсен во средата во Белград.

Тој се товари дека во подолг временски период, со несоодветни изјави во програмата на ТВ „Информер“, „предизвикувал паника во јавноста и ја попречувал правдата со објавување тајни документи“.

Вучиќ го оцени апсењето како „политички прогон“, а делата за кои се товари ги нарече „вербален деликт“.

„Тоа не се случува во 21 век. Не го гонат за криминал, корупција или нечесност, туку го гонат затоа што нешто зборувал. Тоа се нарекува вербален деликт, бесмислено кривично дело“, изјави Вучиќ.

Тој го осуди однесувањето на пратениците од Студентската листа, кои аплаудираа на веста за апсењето на Вучиќевиќ за време на седницата на парламентот. Во салата беше присутен и синот на Вучиќевиќ, Вукашин, пратеник од листата „Александар Вучиќ – Србија победува“.

Притворот на главниот уредник на „Информер“ му е одреден поради проценката дека, доколку биде на слобода, би можел да ги повтори кривичните дела.

Судот ја донел одлуката за притвор откако Вучиќевиќ во текот на денот бил сослушан во обвинителството.

Адвокатот на Вучиќевиќ, коментирајќи ја судската постапка, која траела речиси 12 часа, изјавил дека целиот случај е „многу необичен и нестандарден“ и најавил жалба.

Телевизијата „Информер“ во текот на вечерта емитувала снимка од моментот кога возило на судската стража го носи Вучиќевиќ во Централниот затвор во Белград, каде што треба да помине 30 дена.