Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-би-си, изрази незадоволство од поддршката што неговата земја ја добива од Соединетите Држави.
Тој упати забелешки до Вашингтон поради тоа што не извршил доволен притисок врз Русија за време на мировните преговори, а исто така ги критикуваше доцнењата во испораката на оружје, како и односот на американскиот претседател Трамп спрема неговиот руски колега, Владимир Путин.
Зеленски ја коментираше објавата на Доналд Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“, во која американскиот претседател сподели фотографија од себе и Путин, со натпис „мој пријател“. Украинскиот претседател ја опиша објавата како „чудна“.
„Се разбира, тоа е одлука на американскиот претседател, но… тоа е чудно. Тој е агресор и убиец; тој не може да биде пријател. Тоа е едноставно невозможно“, рече Зеленски за Путин, додавајќи: „Тоа е како некој да кажал нешто слично за Хитлер за време на Втората светска војна“.
Ваквите отворени критики кон Вашингтон се невообичаени. Во своите јавни изјави во врска со Соединетите Држави, Зеленски генерално беше воздржан – особено по минатогодишната средба со Трамп и новоизбраниот потпретседател Венс во Белата куќа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше улогата на САД во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Тој смета дека пратениците на Трамп понекогаш се поблиски до рускиот став отколку до ставот на Киев, и тврди дека САД мора да извршат посилен притисок врз Русија.
„Кога се обидувате да бидете целосно неутрални кон агресорот, вие всушност им давате поддршка и на жртвата и на агресорот. Тоа не е во ред“, изјави тој за Би-би-си.


