Радомир Саичиќ, академик и универзитетски професор, е кандидат на студентското движење за претседател на Србија на изборите на 27 декември.
Саичиќ е редовен професор на Хемискиот факултет во Белград и редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).
„Време е на функцијата претседател на Србија да ѝ го вратиме достоинството“, порача Саичиќ.
Тој наведе дека ќе се залага за суверена Србија во која ќе се почитува Уставот и во која секој граѓанин ќе живее достоинствено.
„Како претседател ќе се придржувам до своите овластувања и јавно ќе ги образложувам одлуките“, порача тој.
Кандидатурата ја предлага групата граѓани „Студентите повторно победуваат!“, која официјално беше формирана еден ден претходно. Групата ја сочинуваат повеќе пратеници од студентската листа во Собранието на Србија.
Претседателот на Собранието на Србија и вршител на должноста претседател на државата, Александар Чупиќ, вчера ги распиша претседателските избори за 27 декември.
Изборите се распишани откако дотогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, на 27 септември поднесе оставка на функцијата.
Според Законот за претседател на Републиката, доколку мандатот на претседателот престане предвреме, изборите мора да се одржат најдоцна во рок од три месеци од денот на престанокот на мандатот.
Вучиќ поднесе оставка за да учествува во кампањата за предвремените парламентарни избори, одржани на 25 октомври.
На парламентарните избори студентската листа оствари убедлива победа над Српската напредна партија (СНС), чиј носител беше Вучиќ. Со тоа, напредњаците по 14 години на власт преминаа во опозиција.
Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, најави можност СНС да не учествува на претседателските избори.


