Одбраната на обвинетиот за физички напад врз партнерката Кристијан Корабоски не е задоволна ниту од охридските обвинители, ниту од тројцата судии кои воопшто постојат во кривичниот оддел на Основниот суд во Охрид, па побара да се тргнат сите од предметот.
На првото рочиште кое беше закажано за 27 ноември, адвокатот на Корабовски побара прво изземање на обвинителот задолжен за предметот, за подоцна да побара изземање на сите обвинители од Охридското обвинителство.
Тој бара изземање и на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски. Тоа се тројцата кривичари кои во Охрид постапуваат по кривични предмети вклучително и дела поврзани со семејно и родово базирано насилство.
Барањата за изземање на судијката Поп Стефанија и судијата Клишески биле одбиени, а за барањето за изземање на претседателот на Основниот суд во Охрид треба да се произнесе Апелацискиот суд во Битола.
Во Основното јавно обвинителство има петмина обвинители, и кога се бара изземање на сите обвинители во едно мало основно обвинителство со само пет обвинители, практично се блокира локалното постапување сѐ додека надлежното повисоко обвинителство (Вишото јавно обвинителство Битола) не одлучи по барањата за изземање и евентуално не определи постапување на обвинител од друго обвинителство.
Адвокатот на нападнатата Сара Георгиевска, Ѓоко Шаин смета дека главната причина за ваквото барање е одолговлекување на постапката која во судницата пристигна по брза постапка.
„Мислам дека заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста која ја има обвинетиот, Кристијан Корабоски. Еве видовте, не беше присутен во судницата, тој беше присутен во судот, во притворското одделение. Обвинетиот мора да се појави. На наредното мора да се појави, да биде присутен тука,“ изјави Шаин.
Додека 26 годишната охриѓанка Сара Георгиевска мирно со видни модринки на очите го чекаше нејзиниот напаѓач Кристијан Корабоски на соочување во охридската судница, но тој не се појави. Според образложението на судијката, како што јавува ТВ Телма, неговото отсуство е со цел да да не се соочи со жртвата која го чекаше во судницата.
Ново рочиште е закажано на 1 декември.
Овој случај предизвика голем интерес во јавноста, бурни реакции, како и политички и граѓански протести. Особено голем револт во јавноста предизвика првичната одлука на обвинителството да не побара мерка притвор за Корабоски, со што тој беше пуштен да се брани од слобода. По бурните реакции во јавноста, предметот го презеде друг обвинител, Сара беше сослушана, а за Корабоски беше побарана и одредена мерка притвор.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
За потсетување, таткото беше задржан во полициска станица поради закани кон семејството на осомничениот за насилство. Семејството на жртвата обвинува за двојни аршини, посочувајќи дека родителите на осомничениот за насилство се поранешен и актуелен функционер од владејачката ВМРО – ДПМНЕ. Според тоа што го напиша мајката на Сара, Ирена Ѓоргиевска на социјалната мрежа Фејсбук, 31 годишниот маж ја нападнал девојката во автомобил и ја тепал додека не изгубила свест. Потоа продолжил да вози низ Охрид, а кога таа се освестила, наводно го запрел возилото во близина на маркет и ја исфрлил од автомобилот.


