Почнува судењето на Кристијан Корабоски за насилството врз Сара Георгиевска

Објавено:

Во Основниот суд во Охрид денеска треба да започне судскиот процес против Кристијан Корабоски за физичкиот напад врз Сара Георгиевска.

Овој случај предизвика голем интерес во јавноста, бурни реакции, како и политички и граѓански протести. Особено голем револт во јавноста предизвика првичната одлука на обвинителството да не побара мерка притвор за Корабоски, со што тој беше пуштен да се брани од слобода.

По бурните реакции во јавноста, предметот го презеде друг обвинител, Сара беше сослушана, а за Корабоски беше побарана и одредена мерка притвор.

Иако полицијата веќе го имала предадено предметот во обвинителството, повеќе од 30 часа изостана официјална информација со која јавноста би била запознаена со околностите на настанот и преземените полициски активности.

Во меѓувреме, социјалните мрежи беа преплавени со непроверени информации, дезинформации и обвинувања поврзани со Кристијан Корабоски, неговиот татко и двајца негови другари.

Дел од информациите беа со исклучително вознемирувачка, па дури и морбидна содржина, а споменатите лица беа изложени на јавен линч, без претходно да бидат утврдени сите факти и околности.

Со денешниот почеток на судењето на Кристијан Корабоски се очекува јавноста да дознае повеќе детали за околностите под кои се случил нападот врз Сара Георгиевска.