Кривична за Бразилка во Струга, полицијата ѝ нашла марихуана

Објавено:

Струшката полиција поднесе кривична пријава против дваесет и осумгодишна државјанка на Бразил откако при претрес во собата каде што престојувала пронашла и одзела марихуана.

Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга поднесе кривична пријава против А.Б.Т.Г.С. (28) од Бразил, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Како што информираат од полицијата, случајот бил откриен откако полициски службеници извршиле претрес во соба во Струга, каде пријавената привремено престојувала. При претресот кај неа била пронајдена и одземена марихуана, по што против бразилската државјанка е поднесена соодветна пријава.

Дополнително, струшката полиција поднесе кривична пријава и против М.М. (26) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Според полициското соопштение, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот на улицата „Ѓуро Салај“ во Струга, при што била пронајдена и одземена марихуана, по што тој бил лишен од слобода.

Само во текот на изминатите два месеци, ОВР Струга евидентираше повеќе слични случаи, при што вчера (26 ноември) беше поднесена кривична пријава против 23-годишник од Вевчани кај кого беше пронајдена марихуана, а минатата недела (19 ноември) полицијата приведе 47-годишен жител на струшкото село Франгово. Претходно, во средината на октомври, при претрес во дом во Струга беше лишен од слобода и 41-годишен стружанец.