Таткото на претепаната Сара Ѓоргиевска од Охрид е задржан во полициска станица поради закани кон семејството на осомничениот за насилство кој бил пуштен на слобода. Овие информации се наведени во соопштението од Секторот за внатрешни работи Охрид. Во полицискиот билтен е наведен дека против К.К, 31 годишниот маж што ја претепал Сара е поднесена кривична пријава за сомнение сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, но по барање на Обвинителството, Судот во Охрид му изрекол мерки на претпазливост.
Нема детали какви мерки за претпазливост му се изречени на осомничениот за насилство. Според законот, тоа најчесто во пракса значи одземање на пасош и забрана за напуштање на живеалиште, а во случаи на насилство и забрана за приближување кон жртвата.
Таткото на жртвата е приведен затоа што на осомничениот за насилство на мобилен телефон му испратил закана, кон него и кон неговото семејство.
„Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок“, се вели во соопштението.
Против таткото на Сара најверојатно ќе биде поднесена кривична пријава за делото „загрозување на сигурноста“.
Во меѓувреме семејството на жртвата обвинува за двојни аршини, посочувајќи дека родителите на осомничениот за насилство се поранешен и актуелен функционер од владејачката ВМРО – ДПМНЕ. Според тоа што го напиша мајката на Сара, Ирена Ѓоргиевска на социјалната мрежа Фејсбук, 31 годишниот маж ја нападнал девојката во автомобил и ја тепал додека не изгубила свест. Потоа продолжил да вози низ Охрид, а кога таа се освестила, наводно го запрел возилото во близина на маркет и ја исфрлил од автомобилот.
Но, во полициското соопштение не се наведени деталите кои ги споделува семејството на жртвата, за тоа што се случило пред да биде девојката однесена во болница.
„На 15.11.2026 околу 02:00 часот, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо” во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди“, пишува во соопштението од МВР.
Според сведоштво на семејството кое е објавено на социјалната платформа Фејсбук, за насилството врз Сара која била претепана до бессознание и исфрлена од автомобил пред супермаркет во Охрид, постои и видеоснимка. Иако девојката е хоспитализирана на одделението за коскено-зглобни заболувања во болницата „Св. Еразмо“ со хематоми, модринки и нагмеченици по главата и телото, на ниту еден член од нејзиното семејство не му било дозволено да остане со неа под изговор дека „има многу вируси“. Истовремено, во истата болница на снимање бил донесен и осомничениот за насилство, вели братот на жртвата за „Слободен Печат“.
Мајката на Сара во јавна објава изнесува сериозни обвинувања за случувањата пред и по нападот, наведувајќи дека осомничениот, додека девојката била во бессознание, мислел дека е мртва, барал инструкции од својот татко како да се ослободи од телото.
„Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка. Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас. „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба“, пишува мајката Ирена на Фејсбук .
Семејството јавно и гласно бара одговорност, стравувајќи дека осомничениот како син на актуелен и поранешен функционер од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, може да помине неказнет.
Деталите за околностите на нападот, повредите на девојката и нејзината здравствена состојба засега не се официјално потврдени.
Во последните 10 месеци, споредено со истиот период лани, над 70 проценти е зголемен бројот на пријавите поврзани со семејно насилство. Во МВР годинава биле пријавени 1.897 настани, од кои 95 проценти се однесуваат на телесна повреда при вршење семејно насилство и загрозување на безбедноста.


