Избор на млад пијанист на годината, претседател на жирито Симон Трпчески

Објавено:

Скопје во декември ќе биде во знакот на пијаното. Третото издание на „Пијано клавиш“ (Piano Key) носи нов концепт за поддршка на младите музичари, со три музички настани, студентско жири и награди што им отвораат можности за концертни настапи во странство.

Под мотото „Талентот заслужува да биде слушнат“, „Пијано клавиш“ годинава нуди многу повеќе од класичен натпреварувачки формат.

Преку меѓународниот натпревар по пијано и изборот за млад пијанист на годината, кои ќе се одржат во декември во Скопје, како и преку онлајн-изданието во 2027 година, организаторките д-р Ема Попивода и м-р Светлана Димитриевска создаваат простор младите пијанисти да се претстават пред стручно жири и публика и да се поврзат со меѓународната музичка сцена.

Првиот настан е меѓународниот натпревар по пијано „Пијано клавиш“, кој ќе се одржи на 8 и 9 декември 2026 година во Музејот на македонската борба во Скопје. Натпреварот е отворен за пијанисти од сите возрасти. Учесниците сами го избираат репертоарот, а нивните изведби ќе ги оценува меѓународно жири. Завршницата ќе се одржи на 10 декември во Камерната сала на Македонската филхармонија, со концерт на лауреатите и свечено доделување на наградите.

Посебен дел од годинашната програма е изборот „Млад пијанист на годината на Македонија 2026“, наменет за ученици од средните музички училишта во земјата. Финалистите ќе бидат избрани врз основа на видеоснимки од нивните изведби и документација за нивните уметнички достигнувања во текот на годината. Тие потоа ќе настапат во живо пред стручна комисија на 10 декември во Камерната сала на Македонската филхармонија. Претседател на жири-комисијата за изборот „Млад пијанист на годината на Македонија 2026“ е маестро Симон Трпчески.

Новина што му дава посебен карактер на годинашното издание е вклучувањето на младите во оценувањето на изведбите. Организаторките објаснуваат дека ова е првпат во Македонија во рамките на ваков проект да се формира младинско жири. Тројца студенти самостојно ќе го изберат учесникот чија изведба ќе остави најсилен уметнички впечаток врз нив и ќе му ја доделат наградата „Од младите за младите“.

Меѓу специјалните награди е и можноста за учество на млади музичари во меѓународниот проект „United by Music and Art“ во Брисел во 2027 година, во соработка со OKXSA Projects.

Наградите на „Пијано клавиш“ се доделуваат во повеќе категории. Покрај медалите за апсолутните победници и за специјално наградените учесници, во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), Амбасадата на Австрија и Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана (КИЦ Тирана) ќе бидат доделени признанија за најдобра изведба на дело од македонски композитор, најдобра изведба на дело од австриски композитор и најдобра сценска изведба. Една од наградите носи и можност за концертен настап во КИЦ Тирана.

Програмата продолжува со онлајн-изданието „Пијано клавиш“ во 2027 година, на кое ќе можат да учествуваат пијанисти од целиот свет. Победниците ќе добијат покана за настап на гала-концерт во Македонската филхармонија во декември 2027 година.