Околу 30 насто од жителите на Европската Унија не можат со сопствени средства да покријат непредвидени финансиски трошоци, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година. Најголеми тешкотии се забележани во Грција, Летонија и Бугарија.
Во 2025 година, 29,2 отсто од жителите на ЕУ не биле во можност самостојно да ги подмират ваквите трошоци, што претставува мало подобрување во однос на 2024 година, кога овој удел изнесувал 30 отсто, објави минатата недела Евростат.
Најнеповолна е состојбата во Грција, каде што 50,5 отсто од населението не може да покрие непредвидени финансиски трошоци. Следуваат Летонија со 43,7 отсто и Бугарија со 42,4 отсто.
Од друга страна, најголема финансиска отпорност покажуваат жителите на Холандија, каде што со вакви тешкотии се соочуваат 15,3 отсто од граѓаните.
Следуваат Малта и Чешка, со по 18,7 отсто.
Евростат истакнува дека способноста за покривање ненадејни трошоци е еден од важните показатели за економската сигурност и квалитетот на животот.
Таа покажува со каква финансиска резерва располагаат домаќинствата за да се справат со непредвидени околности без посериозно да го загрозат својот животен стандард.
Покрај економската сигурност, Евростат во истиот извештај меѓу важните показатели за квалитетот на животот ја вбројува и физичката безбедност на населението, вклучително и заштитата од криминал и насилство.
Евростат нагласува дека економската и физичката безбедност заедно претставуваат важни компоненти на квалитетот на животот, бидејќи влијаат врз чувството на стабилност и сигурност, како и врз можноста граѓаните да ја планираат својата иднина.


