„Ѕидот на срамот“ го прозва Тошковски – најави осум закони по Ивана и Катја, ниту еден не е усвоен

Објавено:

Граѓанската организација Мрежа за заштита од дискриминација (МЗД) го стави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на „ѕид на срамот“ поради застој на процесот во кој требаше да се сменат осум закони за да се обезбеди поголема заштита на жените од насилство.

Од нив, измените на само еден закон се поднесени во Собранието, а ниту тие не се усвоени. Станува збор за измените во Законот за спречување од насилство врз жените и семејно насилство, што во Собранието беа поднесени на 26 август од пратеничките на ВМРО – ДПМНЕ.

Тошковски е еден од министрите задолжени од Владата да ја следи работата на работната група формирана по трагедијата од март во Тафталиџе, кога мајката Ивана скокна од балкон со шестгодишната ќерка.

По овој настан беше формирана работна група за измени во законите за полициски овластувања, за бесплатна правна помош, за кривична постапка, за правда на децата, за парнична постапка, за социјална заштита и за исплата на паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство. Ниту еден досега не е изменет.

„Министре Тошковски, каде се резултатите од работата за која сте задолжени? Што презедовте за усвојување на законските измени во чија подготовка и самите учествувавте? Како ќе обезбедите ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство?“, пишува во објавата на Мрежата за заштита од дискриминација.

Мрежата бара Тошковски да се заложи до 10 декември да се усвои законот предложен во Собранието и јавно да објави конкретни рокови кога работната група ќе ги аврши и ќе ги достави до Собранието останатите седум закони кои треба да ја подобрат заштитата на жените од насилство.

Мрежата забележува и дека министрите и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го избегнуваат терминот „родово базирано насилство“, користејќи го само терминот „семејно насилство“. Од МЗД порачуваат дека ефикасна заштита на жените и девојките не е возможна доколку институциите одбиваат да ги именуваат и препознаат сите форми на родово базирано насилство и кривичните дела поврзани со него.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Мрежата за заштита од дискриминација од вчера (26 ноември) почна серија јавни прозивки под називот „Ѕид на срамот“, насочени кон носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството врз жените. Прв на листата осамна претседателот на Собранието, Африм Гаши. Од него организацијата бара одговори зошто измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство три месеци не се ставени на дневен ред, додека во 2026 година се регистрирани седум фемициди.

По јавната прозивка, Гаши рече дека Собранието веднаш да закаже итна седница на која ќе се дебатира за насилството врз жените и за фемицидот, но дека сè уште нема доставено барање за итна седница до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието.

„Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“ – изјави Гаши.

Меѓу клучните измени во овој закон се проширување на полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност за жртвата, заштита на децата кои се директни или индиректни жртви на насилство и електронско следење на сторителите по изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата

Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава се регистрирани седум фемициди. МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што е двојно повеќе во споредба со минатата година.

Во одредени денови се бележат и по 15 пријави за семејно насилство во рок од 24 часа. Само во ноември, 17-годишната Билјана од Богданци беше запалена во кола од нејзиниот партнер, кој по убиството се самоубил, Сара од Охрид беше претепана и фрлена од автомобил пред маркет, а млада битолчанка заврши во болница откако нејзиниот нејзиниот партнер ја претепал и се обидел да ја задави.