Родителски фронт бара од Гаши преиспитување за законските измени за заштита на жените од насилство

Објавено:

Темелно преиспитување на предложените измени, нивна целосна уставно-правна анализа и отворена јавна расправа, пред Собранието да донесе одлука чии последици далеку го надминуваат опфатот на овој закон и долгорочно задираат во темелите на семејството и правниот поредок, бара здружението Родителски Фронт во отвореното писмо кое синоќа го упати до собранискиот претседател Африм Гаши. Оваа реакција објавена на социјалната мрежа Фејсбук, доаѓа откако Гаши по барање на невладините организации кои делуваат во полето на заштита на жените од семејно насилство, најави дека на итна пленарна седница ќе ги стави на дневен ред законските измени со кои во иднина многу построго ќе се санкционираат сите оние што имаат намера да тепаат жени.

Станува збор за предлог -измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство што беа поднесени уште во август од пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, а изработени по смртта на Ивана и Катја во работна група со претставници од министерството за социјална политика, Центрите за социјални служби, полицијата и граѓанскиот сектор кој на терен се справува со жртвите од семејно насилство.

Пратеничката Дафина Стојаноска, една од предлагачките на измените во законот, потврди дека измените се закочени поради барања на организацијата „Родителски фронт“.

„Имаше реакции во јавноста околу некои термини и мора да се усогласиме, бидејќи има популација која не прифаќа такви формулации какви што има во измените на законот. Не сакаме никој да биде незадоволен. Работиме на тоа да најдеме заедничко решение, бидејќи целта е друга, а не терминилогијата. Измените мораме да ги донесеме со консензус“, изјави Стојаноска за Колегиум.мк.

Предлог-измените на Законот беа изготвени по трагичниот случај со Ивана и Катја во март годинава на иницијатива на институциите и тоа по скратена постапка, но веќе три месеци чекаат да бидат ставени на дневен ред на пленарна седница за да ги изгласаат пратениците.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Со измените на законот се предвидува зголемување на полициските овластувања, односно можност полицијата при непосредна и сериозна опасност да го отстрани насилникот од домот, по што ќе следува и судска одлука која ќе се однесува на мерки за заштита. По првичната проценка за опасноста, полицијата ќе може да ја заштити жртвата на насилството.

Дополнително се предвидува и нова мерка, 12-та,а тоа е дефинирање на децата како индиректни или директни жртви на насилство. Тоа значи кога судот одредува мерка забрана за доближување или комуникација на насилникот со жртвата, таква привремена мерка да се изрече и за негов контакт со децата, со цел намалување на притисокот врз жртвата дека ќе мора да се сретне со него.

Особено проблематичен, според граѓанските организации, е досегашниот третман на децата кои сведочат на насилство во домот. Во практиката, на насилникот може да му биде забранета комуникацијата со жената, но не и со нивните деца, преку кои неретко продолжува насилството врз мајката. Децата, предупредуваат организациите, се жртви на семејното насилство и кога тоа не е директно насочено кон нив.

Еден од новитетите во законот е можност за воспоставување систем за надзор над сторителите на кои им е изречена забрана за приближување до жртвата. Станува збор за електронско следење на насилниците со нараквица.

Колегиум.мк вчера побара одговор од Родителскиот фронт како ги коментираат наводите дека тие се кочничари за да не се усвојат измените што ќе овозможат подобра заштита на жените жртви на семејно насилство. До објавувањето на текстот не добивме одговор. Во вечерните часови, Здружението го објави отвореното писмо до Гаши во кое посочува дека сега Собранието е исправено пред сериозен предизвик и значајна одговорност во однос на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Тие обвинуваат дека зад граѓанскиот сектор и измените на законот кои се направени со претставници на институциите стои опозицијата.

Едно од нивните барања е да се направат измени во делот со кој полицијата по проценка за сериозен ризик ќе може да го отстрани насилникот од домот до утврдување на судска мерка за забрана за комуникација и приближување.

„Не бараме привилегии за семејствата — туку почитување на нивната автономија, на родителската одговорност и на правото на правна сигурност. Не бараме ограничување на демократската расправа — туку токму спротивното: вистинска, отворена и инклузивна дебата, а не празна формалност пред однапред определени законски решенија,“ се вели во писмото.

За што се залага „Родителски фронт“

Здружението „Родителски фронт“ е формирано во Струмица во 2023 година, со цели – заштита на децата од родовата идеологија и пропаганда во документите, наставните програми и актите во училиштата. Втората цел е промовирање и заштита на традиционалните семејни вредности.

Според објавите на неговата Фејсбук страница, здружението смета дека Предлог-законот од август 2026 година има неуставни законски измени. Тие реагираат дека „насилството не смее да се сузбива со суспендирање на Уставот — преку полициски усни наредби за исфрлање граѓани од сопствениот дом без судска одлука“, „судско одлучување без рочиште и право на одбрана“, „оценување на личните ставови и вредности при проценка на ризик или скратени постапки за прекинување на контактите меѓу родителите и децата“.

Една од забелешките, според објавите на Здружението, е дека „мажите како жртви речиси и не постојат“. Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава се регистрирани седум фемициди.

„Ова не е закон против насилството. Ова е правно зацврстување на радикална идеологија“, сметаат во Здружението.

Правниците тврдат дека токму отстранување на поимот „род“ и сè поврзано со родот, од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство би ја ослабело законската рамка за препознавање на причините за насилството и за негово спречување. Родот ги означува улогите, однесувањата и очекувањата што општеството ги смета за соодветни за жените и мажите, вели Наташа Петковска од Хелсиншки комитет.

„Тоа најјасно се гледа кај фемицидот. Ако маж ја тепа партнерката, ѝ се заканува дека ќе ја убие ако го напушти и потоа ја убива затоа што си заминала, изразот „партнерско насилство со смртен исход“ ни кажува во каков однос се случило насилството и како завршило. Поимот „фемицид“ ни овозможува да го поврземе убиството со она што му претходело и да прашаме зошто овој образец се повторува. Во примерот, ударите и заканите служат за да ја принудат жената да остане, а убиството е крајниот израз на уверувањето дека мажот има право да располага со нејзиниот живот и да ја казни кога таа ќе реши да си замине“, вели таа за Колегиум.мк.

Петковска вели дека логиката на антиродовите наративи се препознава во величењето на хиерархијата, во наметнувањето „природни“ улоги и во барањето женското тело, труд и живот да бидат ставени во служба на семејството, нацијата и авторитетот. Барањата за бришење на родот од законите и политиките ја поткопуваат можноста да се именуваат и да се отстрануваат токму овие нееднаквости.

„Родителски фронт“ имаше серија јавни судири и со министерката за образование Весна Јаневска околу наставните програми и бараше да се повлече предметот Сеопфатно сексуално образование(ССО). На таа линија беше и епископот стобиски на МПЦ-ОА ,Јаков, кој во отворено писмо го критикуваше начинот на кој се третираат темите за родот, родовиот идентитет и сексуалните и репродуктивните права.

Во меѓувреме МВР поднесе 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што е двојно повеќе во споредба со минатата година.

Во одредени денови се бележат и по 15 пријави за семејно насилство во рок од 24 часа.

Само во ноември, 17-годишната Билјана од Богданци беше запалена во кола од нејзиниот партнер, кој по убиството се самоубил, Сара од Охрид беше претепана и фрлена од автомобил пред маркет, а млада битолчанка заврши во болница откако нејзиниот нејзиниот партнер ја претепал и се обидел да ја задави.

Јавното обвинителство пак има поинаква статистика, пријавите ги брои според повреди од ќотекот. Според нивните податоци од почетокот на 2024 година до објавувањето на податоците во 2026 година, биле евидентирани 1.715 постапки за телесна повреда при семејно насилство. Од нив, 798 биле запрени поради повлекување на предлогот за гонење.

Граѓанскиот сектор објаснува дека стравот од недостиг на заштита по пријавувањето е причината поради која честопати жртвите се откажуваат од правното гонење на насилникот. Затоа што, како што велат, насилството не завршува со пријава, туку со судскиот епилог и казната за насилникот.

Граѓанскиот сектор бара државата да одвои и седум милиони евра годишно за да им понуди вистинска заштита и решение, како и шанса за нов живот на жртвите од семејно насилство.