Рокас: Протоколите со Бугарија се спомнуваат во Преговарачката рамка, клучна е „добрата верба“

Објавено:

Протоколите од Договорот за добрососедство со Бугарија се спомнуваат во Преговарачката рамка со Европската унија во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Тој во интервјуто зборуваше за статусот на протоколите со Бугарија во пристапниот процес на Северна Македонија, за улогата на Заедничката историска комисија и за можноста за евентуално ново вето.

„Во Преговарачката рамка се спомнуваат протоколите, а она што се бара е да се оди напред со спроведувањето на договорите во добра волја. Клучниот израз тука е ‚во добра верба‘. Она кон што се стремиме се добрососедски односи… Тука се Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, Преспанскиот договор и така натаму“, изјави Рокас, додавајќи дека Преговарачката рамка е договорена од сите земји членки, скринингот е спроведен, а најдобрата гаранција за напредок е двете страни да постапуваат во добра верба, со конструктивен пристап и меѓусебен дијалог.

Рокас додаде дека желба на Европската комисија е веднаш штом се усвојат измените на македонскиот Устав, во ист ден да се оддржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“. Тој објаснува дека за да се отвори кластерот „Темели“ државата трега да си ја заврши „домашната задача“.

„За да се направи вториот чекор, а тоа важи за сите земји кандидатки, треба да се завршат два патоказа. Едниот е за реформата на јавната администрација, а другиот за владеењето на правото. Со него е поврзан и Акцискиот план за малцинствата. Значи, неопходно е овие три документи да бидат завршени пред да се отвори кластерот „Темели“. Работата на сите три е во напредна фаза, а се водат и консултации. Како и за секоја земја кандидатка, Европскиот совет треба да ги одобри овие три документи, а потоа можеме да ги отвораме преговарачките кластери. Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму“, објасни тој.

Осврнувајќи се на можни несогласувања во Заедничката историска комисија, на пример околу Охридската архиепископија или Гоце Делчев, и на прашањето дали тоа би можело да биде основа за ново бугарско вето или дали ЕУ има механизми да го спречи, Рокас истакна дека како претставник на Европската Унија не може да коментира или шпекулира за можни ставови или потези на земји членки.

Според него, историјата може да им се остави на историчарите, потсетувајќи дека и меѓу сегашните членки на ЕУ има земји кои и по зачленувањето разговараат за вакви прашања, додека со „ако“ и „но“ не се оди напред и проширувањето има геостратешко значење кое ја вклучува и Северна Македонија. Рокас додаде дека предвидените комисии не постојат само формално, туку е важно да се вложи конструктивен напор, а доколку има напредок во реформите, владеењето на правото, борбата против корупцијата и добрососедските односи, смета дека „нема од што да се стравува“.

Уставни измени со кои бугарската заедница ќе се вметне во преамбулата на Уставот се услов Скопје да почне со отворање на поглавјата за членство во ЕУ.

Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.

Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.