Излезот од блокадата со Бугарија е во дијалог, порача премиерот Христијан Мицкоски за тоа каде го гледа излезот ако се земе предвид дека немаше никаков напредок при последната средбата помеѓу двајцата министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова Чамова.
Мицкоски вели и оти неговите очекувања се дека во одреден момент ќе се дојде до решение.
„Јас се радувам што тој дијалог почна, што за него се запознаени нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се доближат и да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали добил некој друг совет од претседателката на Европката Комисија, Урсула фон дер Лајен, за тоа што понатаму, тој одговори оти „советот бил дијалогот да почне“.
Фон дер Лајен беше во посета на земјава на 2 октомври кога го советуваше премиерот македонската страна да бара билатерална средба со бугарската за време на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8 што се одржа претходно оваа недела во Софија. Скопје тоа и го направи, па Муцунски и Чамова се сретнаа на маргините на состанокот во Бугарија на 8 октомври.
Шефот на македонската дипломатија излезе со став дека позициите на двете страни остануваат значително оддалечени, додека бугарската министерка соопшти оти барала Скопје да даде временска рамка кога планира да ги направи уставните измени. Чамова Петрова потоа имаше изјава и оти Бугарија нема нови услови, како и дека нема репреговарање на договореното или согласност за уставни измени со одложено дејство.
Дали се планира нова средба помеѓу двајцата министри, засега е неизвесно.
„Да оставиме работите да се движат по природен пат“, кратко одговори денеска Мицкоски.
Уставни измени со кои бугарската заедница ќе се вметне во преамбулата на Уставот се услов Скопје да почне со отворање на поглавјата за членство во ЕУ.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.


