Фон дер Лајен: Деблокирајте го процесот, па ќе дојдеме со европски патоказ

Објавено:

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го советувала премиерот Христијан Мицкоски да побара билатерална средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија во Софија, а со цел да се деблокира евроинтегративниот процес на државата. Денешната средба со Фон дер Лајен, Мицкоски ја искористил за да побара вклученост на ЕУ во овој процес, со цел, како што кажа, „да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“.

„Да, можам да потврдам дека се договоривме да имаме прв нов чекор и да се обидеме да го деблокираме процесот, всушност да го претвориме во процес. Она што ќе се случува другата недела е ревидирање на процесот на пристапување, тука ги имаме оние држави кои веќе се длабоко навлезени во тој процес, односно отвораат и затвораат поглавја и тоа се тие патокази. Моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни. Да, се уште има работа, но импресивно е она што досега го направивте. Сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за можеме потоа да дојдеме и со патоказ за Северна Македонија“, рече Фон дер Лајен.

При денешната посета во Скопје, таа го пофали досегашниот напредок на земјата во однос на реформската агенда и уште еднаш повтори дека Македонија и припаѓа на Унијата.

„Мојата порака е оваа, Вие ни припаѓате нам, со многу труд и посветеност пристапкните преговори почнаа во 2022 , скрининг процесот беше завршен за помалку од една година и сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да може да се придвижите напред и да  отворите за отворање на првиот кластер,, основи. Знам колку  е ова чувствително, но сакам да бидам јасна за што се залага ЕУ.  Ние ќе и посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот иденититет и јазик, веруваме дека македонската култура и јазик можат да ја направат нашата унија побогата затоа што нашето мото е различност и обединетост и ние сме мошне сериозни за тоа прашање“, рече првата жена на Европската комисија.

Мицкоски: Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна

Премиерот Мицкоски уверува дека европската определба како држава е јасна и непроменета. Но, истакна дека дошло време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции.

„Денес отворено разговаравме и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед. Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа“, изјави премиерот Мицкоски на прес-конференцијата со Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК, зборуваше и за придобивките кои би ги имала Македонија како дел од „единствен европски пазар“, нешто што се споменува како промена во политиката за проширување на ЕУ, што вклучува 9 земји кандидатки за членство во Унијата.

На претходната посета во Скопје, која беше пред речиси една година, таа јасно порача дека услов за влез во ЕУ е усвојувањето на уставните измени за влез на бугарското малцинство во Уставот. Денеска повторно потсети дека покрај успешните реформи, до отворањето на првиот кластер не дели исполнувањето на еден клучен критериум, алудирајќи на уставните измени.

Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Филипче: Политиката на владата ја изолира Македонија од Европа

Од друга страна, лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче пред посетата на фон дер Лајен оцени дека владината политика ја изолира земјата од ЕУ и дека Македонија ризикува да ја пропушти актуелната можност за напредок.

Тој истакна дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија се опфатени со новиот европски патоказ, додека Северна Македонија не е.

Тој го повика премиерот да не ја пропушти можноста за напредок и предупреди дека според него, доколку продолжи сегашната политика, Македонија може дополнително да заостанува зад земјите од регионот.

Шеста посета на Фон дер Лајен на регионот, овојпат без Србија и БиХ

Ова е шеста последователна годишна посета на фон дер Лајен на регионот. Пред Скопје, фон дер Лајен ги посети Тирана, Подгорица и Приштина.  Србија и Босна и Херцеговина не беа дел од оваа турнеја. Европската комисија официјално соопшти дека фон дер Лајен ќе ги посети овие две земји подоцна, поради претстојните парламентарни и општи избори.

Главните теми на турнејата се напредокот кон членство во Европската Унија, реформите и постепеното интегрирање на земјите од регионот во единствениот европски пазар.

Фокус е ставен и врз спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, кој е поддржан со финансиски пакет од 6 милијарди евра и има цел да овозможи дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред формалното пристапување.