Мицкоски: Со Бугарија да се преговара во присуство на претставници од ЕУ

Објавено:

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која в петок доаѓа во Скопје како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, ќе се разговара за актуелната состојба околу процесот на проширување и за предизвиците што се случија и тие што претстојат.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за трета фаза од ревитализација на хидроелектраните, тој истакна дека многу работи се случуваат во регионот, во ЕУ и во светот кои се индикатор каква политика и какви планови треба да гради државата.

На прашање дали со Фон дер Лајен ќе се отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, Мицкоски одговори дека сме „подготвени и сакаме да разговараме секаде и на секоја тема и во тоа е суштината на демократијата“.

Како што рече, ако некој одбива да разговара, тоа значи дека не ги почитува елементарните вредности на демократијата.

Дури, рече, може да се разгледа и можноста за претставници од НАТО, каде што сме сојузници со Бугарија и додаде „за жал, нашиот сојузник таму нè блокира во друга мултилатерална организација- Европската Унија“.

„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака, кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту, пак, потоа брифирањето по тие средби е онака како што се разговарало на тие средби. Ценам дека за да имаме некаков ефект и суштина од тие разговори добро е да има претставници од Европската комисија, од ЕУ, за да ги слушнат аргументите, рече Мицкоски.

Ќе ја прашаме ЕУ дали е точна веста за „патоказите“

Мицкоски рече и дека не би го коментирал тоа што го објавува медиум откако бриселски „Политико“ вчера објави дека  Европската Унија подготвува „патокази со конкретни чекори за пристапување на најнапредните земји кандидатки за членство- Црна Гора и Албанија, како и на Украина и Молдавија“, додека другите земји кандидатки, кои се наоѓаат во порана фаза од процесот, како Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, „во оваа фаза нема да добијат патокази“.

„Претпоставувам (медиумот) се повикува на некои извори во Унијата. Ќе треба да ја прашаме ЕУ дали е тоа точно и ако е точно зошто е тоа така, имајќи предвид дека ние испорачуваме најголем дел од реформите кои се дел од Реформската агенда и Планот за раст, и тоа веќе два извештајни периода по ред. И ако во процесот на пристапување кон ЕУ кандидатите се оценуваат врз основа на заслуги, тогаш за мене е нелогично ако е ова точно. Но првин треба да видиме дали е тоа така или не е. Моите информации не велат дека е тоа така“, изјави Мицкоски.