Во Даблин заврши неформалниот самит на земјите членки на Европската Унија. За првпат лидерите разговараа за развојот и влијанието на вештачката интелигенција врз европското општество и економија, но сè беше засенето од расправијата околу тоа кој ќе ги претставува 27-те земји во мировните преговори за Украина.
Европскиот совет постигна договор за тоа кој ќе ја претставува Европа во идните мировни преговори за Украина. Според компромисното решение, европската делегација ќе ја сочинуваат претставници на пет држави, како и на Европскиот совет и Европската комисија. Одлуката за составот на европската делегација беше донесена по дискусиите меѓу лидерите на земјите членки.
Станува збор за компромисно решение според кое Европа ќе ја претставуваат претставници на пет земји, таканаречената група Е5, составена од Франција, Италија, Полска, Германија и Обединетото Кралство, заедно со претставници на Европскиот совет и Европската комисија.
Засега останува неизвесно дали Москва ќе го прифати ваквиот состав на делегацијата.
За безбедноста на континентот нема преговори
Лидерите на ЕУ порачаа дека европската безбедносна структура не треба да биде тема на мировните преговори меѓу Украина и Русија, но не одговорија на прашањето кој треба да зборува во име на Европа во евентуалните идни преговори.
Кремљ во петок порача дека Русија би била отворена за учество на европските земји во мировните преговори за Украина доколку види дека тие се подготвени да придонесат во мировниот процес.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја опиша изјавата на Кремљ како „иста стара игра“ и рече дека Европа и САД се согласиле околу јасна порака.
„Нема да има разговори за Украина без Украина, ниту разговори за Европа без Европа. Понатаму, нема потреба да се разговара за европската безбедносна архитектура. Ние веќе ја имаме“, рече Мерц пред новинарите за време на самитот на лидерите на Европската Унија во Даблин.
„Свесни сме дека претседателот Трамп следната недела во Кина планира да разговара за Украина со претседателот Путин. Некои тука стравуваат дека тоа би можело да биде уште еден ‘момент од Енкориџ’. Јасно да ја повториме нашата порака до САД: ве молиме, без изненадувања. Продолжете да дејствувате како дел од ‘тимот Европа’ и рамо до рамо со Украина, и заедно да работиме на постигнување вистински мир во Украина“, додаде Мерц.
Руските претставници повикаа на постигнување поширок договор за европската безбедносна архитектура пред договорот за деталите на самата војна.
Пред инвазијата на Украина во 2022 година, Русија бараше повлекување на силите на НАТО од земјите што му се приклучија на Алијансата по 1997 година. НАТО го одби тоа барање.
Американскиот преговарач Џаред Кушнер во четвртокот во Москва изјави дека со европските партнери започнал разговори за безбедносната архитектура на континентот.
„И од руска и од европска перспектива, двете страни јавно изнесуваат многу ставови, но се надевам дека во директните разговори може да се разговара помирно и да се поминат сите прашања. Би рекол дека сите сакаат крај на оваа војна“, рече Кушнер.
Европа за прекин на огнот
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас изјави дека руските повици за разговори за европската безбедносна архитектура носат ризик да го одвлечат вниманието од потребата за прекин на огнот.
Летонскиот премиер Андрис Кулбергс ги нарече ваквите дискусии „стапица“.
„Ние, како Европа, мора да покажеме повеќе храброст, бидејќи сме поголеми кога станува збор за воената моќ и сите економски аспекти. Русија не е способна да покори ниту една Украина, која е помала и по големина и по број на жители, но покажува неверојатен дух и пружа отпор веќе петта година. А Русија поставува услови што ние, наводно, треба да ги прифатиме – дајте, ве молам“, рече тој.
За време на состанокот во четвртокот, лидерите на Полска, балтичките и нордиските земји предупредиле на опасноста од заедничко разгледување на европската безбедносна архитектура со САД или Русија, наведуваат еден европски дипломат и еден европски функционер.
Четириесет европски земји, кои во четвртокот се состанаа во поширок формат во Даблин, потпишаа декларација во која се наведува дека за секое прашање што влијае врз европската безбедност мора да се одлучува со учество на Европејците.
Лидерите на ЕУ начелно се согласиле дека Европа треба да зборува со еден глас, но не определиле лице што ќе го прави тоа. Мерц рече дека разговорите ќе продолжат.
„Постојат воспоставени институционални форми на претставување на ЕУ. Каја Калас, на пример, е дел од тоа, но и форматот Е3 се покажа како многу ефикасен“, рече тој, осврнувајќи се на неформалната безбедносна група составена од Франција, Германија и Велика Британија, која повеќе не е членка на ЕУ, но е истакнат сојузник во НАТО.
„Освен тоа, секогаш ги вклучуваме Италија и Полска“, додаде Мерц.
Претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Италија и ЕУ претходно оваа недела учествуваа на преговорите меѓу Русија и Украина во Абу Даби, каде што и Москва и Киев соопштија дека постигнале одреден напредок, иако немаше индикации за поместување околу клучните прашања, како што е територијата.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека Велика Британија, една од трите водечки европски воени сили, секако мора да биде вклучена во сите идни разговори и дека учеството на овие пет земји заедно со институциите на ЕУ би имало смисла.
„Прилично сум флексибилен во врска со тоа и сметам дека она што навистина го кажуваме е поважно од точниот состав на луѓето во просторијата“, порача тој.
„Отворени сме за дискусија за сите решенија што би ѝ помогнале на Украина да ја преживее оваа зима. Но, не можеме да прифатиме некои земји да кажат дека едноставно нема да учествуваат во овој модел на финансирање. Тоа е целосно неприфатливо“, додаде тој.
ЕУ сè уште без договор за претставник во преговорите со Русија
На денешниот состанок не се очекуваше договор за тоа кој ќе ја претставува Европа во мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Меѓу можните претставници се споменуваат претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, но земјите членки засега немаат заеднички став.
Русија се противи на учеството на Каја Калас, а можеби и на други европски претставници, инсистирајќи Европа претходно да престане да ѝ испраќа оружје на Украина.
Каја Калас порача дека е подготвена да ја преземе улогата на европски претставник во преговорите, нагласувајќи дека Москва не треба да одлучува кој ќе ја претставува Европа.
„Јас ја претставувам Европа кога станува збор за надворешната и безбедносната политика. Тоа е утврдено уште во 2024 година. Знам дека Русите не ме сакаат на преговорите, но дали ние одлучуваме кој ќе ја претставува Русија? Секако дека не, и затоа ни треба силен тим. Подготвена сум за таа работа“, порача Калас.
И покрај тоа, Кошта смета дека се приближува моментот кога претставниците на Русија и Европа би можеле да се најдат на иста преговарачка маса.


