Американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф денеска во Москва треба да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа истиот ден во Даблин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по украинско-руските преговори што завршија вчера во Абу Даби.
По пристигнувањето во ирската престолнина, Володимир Зеленски изјави дека би можела да се отвори можност за постигнување прекин на огнот пред 2027 година.
„Важно е што Американците заминаа на разговори со Путин со конкретни елементи. Многу би сакал да се вратат во Даблин со конкретни елементи“, додаде тој.
Зеленски изрази скептицизам, но истовремено нагласи дека постои надеж. Тој го поздрави и она што го нарече промена на тонот на САД во врска со учеството на Европа во преговорите, истакнувајќи дека американската страна сега пристапува кон ова прашање попозитивно и со поголема отвореност.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека преговорите одржани во Обединетите Арапски Емирати покажуваат дека САД, Украина и Европа се целосно усогласени и обединети.
За време на дводневните директни преговори, први по повеќе од осум месеци, двете страни се договорија за нова голема размена на воени заробеници, но имаа различни ставови за улогата што Европа треба да ја има во продолжението на преговорите.
Иако од разговорите, чија цел е да се најде излез од војната што трае повеќе од четири години, не произлегоа многу конкретни детали, двете страни известија за одреден напредок и потврдија дека преговорите ќе продолжат.
Вашингтон и Киев оценија дека во одреден момент преговорите треба да се прошират и со учество на европските земји.
Володимир Зеленски ја повика Европа во текот на ноември да именува свој претставник во преговорите.
Сепак, Русија, која досега настојуваше да ја исклучи Европа од разговорите, засега не покажува знаци дека ќе го промени својот став по ова прашање. Рускиот преговарач Владимир Медински ја отфрли можноста за разговори меѓу Москва и Европејците, велејќи дека не ја разбира најдобро нивната улога.
„Од европските земји не добивме никаква мировна иницијатива, ниту каков било конкретен предлог“, изјави тој.


