Трамп: Можен договор за крај на војната во Украина, сите ќе бидат воодушевени

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да биде постигнат голем договор за запирање на војната во Украина.

По средбата со специјалниот пратеник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, во Белата куќа, тој рече дека договорот би можел да опфати и други европски земји.

Трамп не ги соопшти деталите од разговорот, но рече дека станува збор за голем договор од кој сите би биле воодушевени.

Притоа, наведе дека не се сретнал со украинските претставници, кои исто така допатувале во Вашингтон.

Во меѓувреме, американски претставници во Брисел одржаа разговори со претставници на Украина, НАТО и европските партнери. Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, ги оцени разговорите како продуктивни и содржајни, истакнувајќи дека се однесувале на безбедносните гаранции за Украина и пошироката европска безбедносна архитектура.

Кушнер додаде дека САД, заедно со вклучените страни, бараат практични решенија за завршување на војната и намалување на ризикот од идни конфликти.

Украина и Русија, со посредство на САД, треба следната недела да ги продолжат разговорите во Абу Даби за прекин на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.