Евроамбасадорот порача оти државата има подобар напредок од лани, но и оти нема никакво подобрување кога се во прашање корупцијата и независноста на судството. Уставните измени ги потенцираше како обврска што мора да се исполни за да се заврши процесот на отворање преговори.
Премиерот Мицкоски, пак, рече оти „ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови“. Тој порача дека евроинтеграциите мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба.
ЕУ ќе остане посветен партнер кој ќе дава политичка, техничка и финансиска поддршка. Но, на крајот напредокот зависи од резултатите тука, во Северна Македонија, порача евроамбасадорот Михалис Рокас, откако на премиерот Христијан Мицкоски му го врачи годишниот извештај за земјава што Европската комисија го објави вчера (4 ноември) во рамки на пакетот за проширување.
Рокас рече оти се нотира поголем напредок во споредба со минатата година истакнувајќи ги областите како дигитализацијата, науката и образованието, како и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Сепак, како што нотира и извештајот, евроамбасадорот како слаби точки ги посочи борбата против корупцијата и независноста на судството.
„Извештајот покажува дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата со корупција во текот на извештајниот период. Ова бара посилни институции, ефективни гонења и истраги како и опипливи резултати во справувањето со корупција на високо ниво. Судската независност мора да бидат заштитени со заштита на судиите и обвинителите од притисоци и обезбедување на соодветни ресурси“, порача Рокас.
Јавната администрација и заштитата на животната средина, исто така, беа посочени како области каде се потребни понатамошни напори за реформи и унапредување.
Реформите, потенцираше евроамбасадорот, не се потребни само за евроинтеграциите. Тие пред сè, се важни за подобрување на животот на граѓаните и економскиот раст на државата.
Уставните измени остануваат пречка
Покрај тоа што се осврна на областите опфатени со поглавјата содржани во рамката за преговори со ЕУ, Рокас ги потенцираше уставните измени. Тие се потребни за Северна Македонија да ја заврши фазата на отворање преговори и да започне со отворање на кластерите односно поглавјата.
„Уставните измени договорени во 2022 се уште не се завршени. Ова се обврски преземени од земјата и ЕУ е подготвена да заврши со отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат направени промените. Ги повикуваме сите политички страни да работат активно и да напредуваат кон членството на ЕУ што бара национални напори. Нема причина да се чека за да се спроведат тие реформи од кои граѓаните имаат корист“, порача Рокас.
Премиерот Мицкоски го оцени извештајот како позитивен бидејќи се нотирал подобар напредок од лани, а кога се во прашање уставните измени повторно побара јасни правила.
„Нашата позиција и натаму е дека евроинтеграциите мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба. Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите, европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост. За ова општество и за сите политички партии европските интеграции остануваат трајна стратешка определба. И покрај сите предизвици и тешкотии со кои се соочуваме изминатите децении нашата определба за полноправно членство во ЕУ останува непромената“, рече Мицкоски.
Исто така, тој повторно ја обвини минатата влада за прифаќање на условите што беа наметнати поради спорот со Бугарија.
„Ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови“, додаде Мицкоски.
Нема патоказ за Северна Македонија, но Рокас тврди дека земјава е меѓу првите три во спроведувањето на агендата
Сепак, Северна Македонија не се најде меѓу земјите кандидатки за кои Европската комисија објави патокази за нивниот европски пат. Ваков документ добија Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.
„Што се однесува до одделувањето од земјите што се во пристапни преговори, тоа е поради фактот што имаат преговори, отвораат кластери и ги затвораат. Тие напредуваат во самите преговори и затоа ги направивме тие патокази за нив. Но, кога ќе ја погледнеме Северна Македонија добро знаеме дека земјата има добро ниво на подготвеност и е меѓу трите први земји кога станува збор за европската агенда“, рече Рокас.
Патоказите и извештаите беа објавени вчера, 4 ноември. Слични пораки како Рокас, по објавувањето испрати и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„Сега, сè зависи од Северна Македонија“, рече Кос, која исто така ги потенцираше уставните измени како обврска што треба да се исполни.


