Еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, порача дека Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за уставни измени, согласно заклучоците на Советот на Европа од јули 2022 година.
„Сега, сè зависи од Северна Македонија“, рече Кос на прес-конференција во Брисел на која беше претставен пакетот за проширување на ЕУ од кој дел се годишните извештаи за земјите кандидатки.
Еврокомесарката оцени дека земјава покажува посветеност на реформите и Реформската агенда, но оти сега треба да покаже одлучност и да направи чекор напред.
„ЕК ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија“, рече таа.
Истите пораки и оценки што ги кажа Кос се содржани и во извештајот за земјава.
Покрај тоа што нема напредок за усвојување на уставните измени, како што веќе објави Колегиум.мк, ЕК нотира дека независноста на правосудството останува нарушена, а корупцијата останува широко распространета.


