Црна Гора е на пат да стане 28-ма членка на ЕУ во 2028 година. Србија назадувала со евроинтеграциите, но сега има шанса за нов почеток.
Ова го порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос, од Брисел претставувајќи го пакетот за проширување.
Како што рече Кос, за првпат по 2011 година, Европската Комисија има можност да ги заврши преговорите со една земја-кандидат, а тоа е Црна Гора.
Слични беа и пораките од потпретседателката на ЕК и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Таа посочи оти Црна Гора е најблиску до конечната европска интеграција, со јасен пат кон потпишување на договорот за пристапување кон Европската унија (ЕУ) следната година.
Кога е во прашање Србија, пак, назадувањето во евроинтеграциите посебно беше истакнато во областа на основните права, особено слободата на изразување, јавната администрација и академската слобода.
„Но сега (Србија) има шанса за нов почеток“, рече Кос.
Според неа, Србија сега има можност да ги зајакне демократските институции и основните права, а очекувањата се дека Белград сега ќе преземе чекори за да постигне напредок на патот кон приклучување кон Европската Унија.
Ваквите пораки доаѓаат по падот на власта предводена од Александар Вучиќ, кој изгуби од Студентската листа на парламентарните избори на 25 октомври.
Во Србија допрва треба да се конституира новиот парламент, кој потоа треба да избере и влада. До крајот на годината државата треба да одржи и претседателски избори со оглед дека Вучиќ си даде оставка од оваа функција за да се кандидира на парламентарните избори и да биде премиер. Но, тоа не му успеа, па сега тој со неговата Српска напредна странка (СНС) ќе биде во опозиција.


