ВМРО ДПМНЕ во своето најново соопштение наведува дека е разоткриен вистинскиот мотив зад долгомесечната кампања на СДС и Филипче против „Алта банка“.
Додека во јавноста се обидуваа да наметнат приказна за таканаречен српски свет, во позадина стои политичка хајка во која се кријат бизнис мотиви на лица блиски до СДС Филипче и кланот Заеви, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и „Алта банка“, создаваат терен, бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена. Целта на СДС и Филипче е да се создаде недоверба, да се предизвика паника и да се наруши угледот и пазарната позиција на банката, со што евентуално би се создале услови за нејзино преземање по значително пониска цена од страна на бизнис-кругови блиски до Филипче и Заев“, стои во соопштението.
ВМРО ДПМНЕ ги повикува граѓаните да бидат спокојни.
„Се додека премиер е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“, велат од владејачката партија.
Од друга страна, во СДСМ сметаат дека за Алта банка целата одговорност е кај Христијан Мицкоски и Трајко Славески.
„Тие ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија која сега е под стечај. Граѓаните во Македонија не можат да дојдат до своите пари, до своите заштеди, луѓето што живеат од социјална помош немаат од што да ги покријат трошоците и не можат да ги подигнат средствата“, велат од СДСМ.
Владата на Мицкоски го отвори патот за влез на Алта банка во Македонија, а гувернерот Славески даде согласност за преземањето на Стопанска банка Битола. СДСМ предупредуваше за сомнителниот капитал уште пред 11 месеци.
„Обвинителството да отвори истрага и кривично да ги гони Мицкоски, Славески и сите кои што се поврзани со Алта банка“, повикува во соопштението СДСМ.


