Русија не сака ниту планира војна со Европа, но доколку европските земји започнат конфликт, одговорот на Москва би бил „поинаков и многу краток“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров оцени дека засега нема изгледи за воспоставување вистински дијалог со Европа и го обвини Западот дека се обидува да го прошири своето влијание во источниот дел на Евроазија, како и на Арктикот.
Според него, Европската Унија таму формулирала „отворено милитаристичка конфронтациска стратегија“.
Говорејќи за војната во Украина, Лавров наведе дека Русија не инсистира на привремен прекин на огнот, туку на трајно решение на, како што рече, основните причини за конфликтот.
Меѓу нив ги посочи безбедносните закани за Русија, правата на руското и рускојазичното население, како и искоренувањето на нацистичката идеологија и практика.
Тој оцени дека повиците за прекин на огнот имаат за цел да му овозможат на Киев „одмор“ и да му дадат време за обновување на борбениот потенцијал со поддршка од странските партнери.
Плановите на Лондон и Париз за распоредување меѓународни „стабилизациски сили“ во Украина ги опиша како обид за стабилизирање на, како што го нарече, „отворено нацистичкиот режим“.


