Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“, со што првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор, е преиначена.
Одлуката прво ја соопшти неговиот адвокат Сашо Дуковски на социјалните мрежи, кој изрази задоволство од судската одлука, оценувајќи дека таа е резултат на недостатоците во обвинението. Подоцна се огласи и самиот Јовановски.
„По седум години, денеска сум ослободен од сите обвиненија и огласен сум за невин! Падна правната кривотворевина, односно обвинението на Вилма Рускоска и срамната и тенденциозна првостепена пресуда на судијата Софче Гаврилова- Ефремова! Ова беа тешки седум години како за мене така и за моето семејство и за моите блиски! Правдата е спора, но достижна!“, напиша Јовановски на неговиот фејсбук профил.
Претходно, во повторената постапка за овој случај во октомври 2025 година, Основниот кривичен суд Скопје му изрече намалена казна на Јовановски. Со таа првостепена одлука тој доби единствена затворска казна од пет години за кривичните дела измама и перење пари, што претставуваше намалување од претходно изречените девет години.
Јовановски во април 2022 година беше првично осуден на 9 години затвор за предметот „Меѓународен сојуз“, кој започна во јули 2020 година и се однесуваше на измама на бизнисмени за изградба на старски домови преку истоимената организација. Сепак, Апелација во април 2024 година ја укина пресудата и го врати случајот на повторно судење.
Претходно, во март 2025 година, Апелацискиот суд му ја намали казната и за случајот „Рекет“ од 9 на 5 години затвор, по што тој е на слобода поради лекување.


