Судскиот совет на денешната седница го избра судијата Зоран Герасимовски за вршител на должноста претседател на Апелациониот суд Скопје, откако досегашната претседателка Мери Дика вчера беше избрана за судија на Уставниот суд.
За в.д. претседател на Апелациониот суд Скопје беа предложени Тања Милева и Зоран Герасимовски, но Советот одлучи функцијата привремено да ја извршува Герасимовски. Истовремено, беше донесена одлука за распишување оглас за избор на претседател на Апелациониот суд Скопје.
Судскиот совет донесе и одлука за мирување на судиската функција на Мери Дика по нејзиниот избор за член на Уставниот суд.
Името на Мери Дика Георгиевска на пошироката јавност и стана познато откако таа се појави како сведок во случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Таа беше претставена како пријателка на мајката на Јовановски и во кумство со обвинетиот.
Инаку Герасимовски е долгогодишен судија. За судија во Основниот суд Тетово е избран во 2005 година, а од 2017 година е судија во Апелациониот суд Скопје. Во 2022 година беше избран за член на Судскиот совет од редот на судиите, но во 2023 година поднесе оставка од функцијата, образложувајќи дека поради несогласувања во работата на Советот смета дека поголем придонес може да даде како апелационен судија.



