Со 64 гласа „за“ пратениците во Собранието ја избраа судијката Мери Дика Георгиевска за нова уставна судијка. Немаше ниту еден глас „против“ или „воздржан“ иако пратеникот Сали Мурати од опозицискиот Европски фронт бараше точката да се тргне од дневен ред поради административни грешки во биографијата.
Веднаш по изборот Дика Георгиевска даде свечена заклетва што во пракса значи и официјално преземање на функцијата уставна судијка.
Мери Дика Георгиевска се сели во Уставен од Апелацискиот суд Скопје, каде од февруари 2023 беше претседателка.
Таа доаѓа како предлог на Судскиот совет кој донесе таква одлука во март годинава.
Името на Мери Дика Георгиевска на пошироката јавност и стана познато откако таа се појави како сведок во случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Таа беше претставена како пријателка на мајката на Јовановски и во кумство со обвинетиот.
Сведочеше на почетокот на 2020 година и зборуваше за нејзините информации за тоа од каде му биле парите на Јовановски нагласувајќи дека се занимавал со проекти за заштита на ранливи категории граѓани. Исто така, зборуваше и за заедничко патување во Милано со Јовановски и неговата мајка раскажувајќи како на враќање од Милано на нејзино име пополнувале формулари за враќање на данок за работи што ги купувала мајката на тогаш обвинетиот.
Купувањето скапа и брендирана облека од Јовановски, според тврдењата на обвинителството, биле еден од начините на кои се переле пари во случајот „Рекет“.
Јовановски на конкретното рочиште во настапот пред судница алудираше дека биле многу блиски со Дика и дека имале и други заеднички патувања, но судијката одговараше со контрапрашања „дали треба да ги реди сите одмори од 55 годишното дружење“ и коментираше дека не знае какво е тоа прашање.
Дика, која сега ќе биде уставна судијка, е дипломиран правник од 1985 година, а магистрирала правни науки во 2014-та.
Според нејзината биографија, правосудниот испит положила во 1987 година. Кариерата ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија.
Од 1996 до 2005 година беше судијка во Основниот суд Скопје II, а потоа продолжи да суди во скопска Апелација. Од 2012 до 2018 беше член на Судскиот совет, по што се врати во Апелациониот суд. Во 2023 година беше избрана за претседателка на Апелациониот суд Скопје.
Во својата кариера била претседател на стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд, а говори и англиски јазик.



