Во Црна Гора е уапсен Русин, основач на медиумско – информативна мрежа

Објавено:

Неколку руски државјани се уапсени во Црна Гора денеска, на 9 октомври, вклучувајќи го и основачот на руската мрежа „Рибар“, Михаил Звинчук, потврди премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

Рибар е руска медиумска и информативна мрежа основана во 2018 година од Звинчук, кој е поранешен вработен во прес-службата на руското Министерство за одбрана.

Спајиќ во објава на социјалните мрежи напиша дека ова била успешна операција и истакна дека бил предупреден дека обидите за хибридно дејствување и дестабилизација на Црна Гора неуморно го следат нејзиниот европски пат.

„Ова не е време за избрзани изјави, но ниту за наивни заклучоци. Постојат сериозни индиции што бараат секоја трага внимателно да се испита и секоја врска да се гледа во поширок контекст. Нема да го кажеме тоа што мора да остане во домен на безбедносните служби“, напиша премиерот на Црна Гора.

Црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спроведоа операција во областа Рисан (општина Котор) денеска наутро, за време на која беа уапсени пет лица осомничени дека се поврзани со мрежата „Рибар“, објавија неколку црногорски медиуми повикувајќи се на безбедносни извори.

На 9 октомври, од „Рибар“ потврдија на Телеграм дека основачот на оваа мрежа, Михаил Звинчук, и неговата сопруга се приведени во Црна Гора, заедно со други руски државјани. Според мрежата „Рибар“, сите тие „легално престојувале во Црна Гора и снимањето на Цетинскиот манастир било планирано, за што претходно било поднесено официјално барање“.

Тие исто така тврдат дека се во контакт со руското Министерство за надворешни работи, кое работи на решавање на ситуацијата, тврдејќи дека „немало кршење на црногорските закони“

Според црногорска „Побједа“, покрај лидерот на „Рибар“ и неговата сопруга Валерија, уапсени се уште тројца нивни соработници.

Повеќе детали се очекуваат по официјалното соопштение од црногорските институции најавено за подоцна.

За време на војната со Украина, „Рибар“ стана еден од највлијателните проруски воени канали на Телеграм со повеќе од 1,3 милиони следбеници.

Михаил Звинчук е под строги санкции од Европската Унија, САД, Велика Британија и други западни земји од 2023 година.