Премиерот Христијан Мицкоски денеска (5 октомври) ги демантираше, како што ги нарече, толкувањата на опозицијата и на одредени медиуми блиски до опозицијата за неговата претходна изјава за пораките што му ги пренела претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
„Мислам дека не само што не ја говорат вистината, туку и се обидуваат сега да ја искривуваат вистината. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она што во иднина претставува лична посветеност и посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот што следи“, истакна Мицкоски.
Изјавата дојде по новинарско прашање за дообјаснување од што поточно е незадоволен откако на 3 октомври рече дека не е задоволен од пораките на ги пренела фон дер Лајен.
Изјавата на премиерот на 3 октомври гласеше:
„Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада“.
Фон дер Лајен го посети Скопје на 2 октомври во рамки на нејзината турнеја во дел од земјите од Западен Балкан.


