Мицкоски не е задоволен од пораките на фон дер Лајен за уставните измени

Објавено:

За премиерот Христијан Мицкоски вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен била исклучително пријателска, корисна и содржајна, и дека таа можеби ќе биде клучна за некои процеси во иднина, иако, како што рече, не е задоволен од пораките во однос на уставните измени.

„Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по извршениот увид на градежни активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.

Тој ја обвини претходната коалиција предводена од СДСМ и ДУИ дека во отсуство на креативност и предлози за надминување на состојбата, се обидува „преку лаги и измислици“ да испраќа пораки дека актуелната Влада ќе ја промени преговарачката рамка.

Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со активностите и порача, но како што додаде, потребно е време и трпение.

„Ова се процеси кога имате квислинзи коишто распродаваат и патриотска Влада којашто си ја сака државата, којашто треба да го врати тоа што квислинзите го распродале“, рече Мицкоски.

На завчерашната средба, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го советувала премиерот Христијан Мицкоски да побара билатерална средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија во Софија, а со цел да се деблокира евроинтегративниот процес на државата. Денешната средба со Фон дер Лајен, Мицкоски ја искористил за да побара вклученост на ЕУ во овој процес, со цел, како што кажа, „да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“.

„Да, можам да потврдам дека се договоривме да имаме прв нов чекор и да се обидеме да го деблокираме процесот, всушност да го претвориме во процес. Она што ќе се случува другата недела е ревидирање на процесот на пристапување, тука ги имаме оние држави кои веќе се длабоко навлезени во тој процес, односно отвораат и затвораат поглавја и тоа се тие патокази. Моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни. Да, се уште има работа, но импресивно е она што досега го направивте. Сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за можеме потоа да дојдеме и со патоказ за Северна Македонија“, рече Фон дер Лајен.

При денешната посета во Скопје, таа го пофали досегашниот напредок на земјата во однос на реформската агенда и уште еднаш повтори дека Македонија и припаѓа на Унијата.