Еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос дојде во Скопје и порача дека усвојувањето на уставните измени останува неопходно за почнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија со ЕУ. Јасно кажа дека проширувањето на ЕУ не е изградено врз однапред дадени гаранции, туку врз успешно завршени обврски и многу работа.
Кос вели дека сржта на пристапниот процес во ЕУ се реформите кои според неа, ќе придонесат за попросперитетна економија и иднина на земјава. Оцени дека има охрабрувачки напредок во спроведувањето на реформската агенда со што Северна Македонија ја вброи во најдобите „изведувачи“ квалификувани во групата земји на кои ќе им бидат дадени дополнителни средства од европскиот План за раст.
„Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување за остварување на пристапните преговори. Има сериозни изгледи дека до 2028 ЕУ ќе има уште една земја членка од територијата на Западен Балкан, а секако Северна Македонија треба да биде меѓу тие кои ќе се движат напред. Проширувањето на ЕУ не изградено на гаранции дадени однапред, туку се гради врз доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа“, изјави еврокомесарката Кос на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
На прашањето како да се изгради доверба со земја која не го признава македонскиот идентитет, алудирајќи на билатералниот спор со Бугарија, Кос со дипломатски одговор:
„Се согласувам дека довербата е важна, но нема рецепт за тоа, не можам да давам совети за тоа како да имате доверба со вашите соседи, но знам дека колку повеќе доверба имате толку полесно ќе напредувате во пристапниот процес. Тој е поврзан и со политичката динамика меѓу земјите членки. Довербата се гради не само со зборови, туку и со добри дела и со избегнување зборови кои предизвикуваат тензии, со почитување на меѓународното право, кога споровите ќе се решаваат по мирен пат, преку соработка итн.“, рече Кос.
Иако во неколку наврати порано премиерот Мицкоски изјавуваше дека „нема цена што може да го натера да влезе во таква авантура во која нема да има извесен крај“, денеска тој истакна дека за актуелната влада нема план Б, освен членство во Европската Унија.
„Ја цениме поддршката од ЕУ и стручната и финаниски помош за побрзо одвивање на реформите. Очекуваме процесот да не биде оптварен со билатерални прашања што создаваат фрустација кај македонските граѓани. Важно е да постои доверба дека процесот ќе продолжи со истите правила за сите други земји кандидати и оние кои станале дел од Унијата. Секое трајно решение треба да се заснова на заштита на идентитетот и јавна европска перспектива. За нас нема план Б, за нас единствена оција е членство во ЕУ и испорака на реформите“, рече премиерот Мицкоски.
Инаку пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.
Пред еден месец речиси истите пораки ги пренесе и претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, кој тогаш порача дека преговорите со Унијата ќе се отворат дури откако ќе бидат усвоени уставните измени.
Последната посета на Кос на Скопје беше пред една година, односно на 30 јуни и 1 јули 2025 година, кога еврокомесарката учествуваше на лидерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст за Западен Балкан.
Кос тогаш рече дека Западен Балкан е составен дел од европската иднина, но исто така предупреди дека „прозорецот на можности нема да остане отворен засекогаш“, па реформите треба да се забрзаат. Во разговорите со македонските власти акцентот беше ставен на владеењето на правото, економските реформи, дигиталната трансформација и спроведувањето на реформската агенда поврзана со Планот за раст.
Таа тогаш истакна дека „членството во ЕУ е најдобриот начин да се заштитат македонскиот идентитет, култура и јазик, бидејќи Унијата е изградена врз различностите“. Оваа изјава предизвика различни политички реакции во земјата – дел ја поздравија како гаранција за европските вредности, а дел ја оценија како недоволна во контекст на спорот со Бугарија.
Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.
Расположението на македонските граѓани за влез во Европската Унија и натаму е претежно позитивно, иако поддршката е пониска отколку пред една деценија и е проследена со скептицизам околу процесот. Последната анкета на Евробарометар покажа дека околу 69 проценти од македонските граѓани ЕУ ја поврзуваат со подобар животен стандард, слободно


