Фотографија од прославата на голот на Лукаку, а под неа краток опис:„Overturn this“ („Поништете го ова“) објавија официјалните профили социјалните мрежи на белгискиот национален тим, откако Белгија со 4-1 ги совлада Соединетите Американски Држави (САД) во најконтроверзниот натпревар во осминафиналето на Светското првенство во фудбал.
Со оваа порака Белгијците алудираа на контроверзната одлука на ФИФА да му дозволи настап на американскиот напаѓач Фоларин Балогун, иако доби директен црвен картон во претходниот натпревар против Босна и Херцеговина.
Според правилата, Балогун автоматски требаше да го пропушти осминафиналниот дуел, но непосредно пред натпреварот ФИФА ја суспендираше казната и му овозможи да настапи против Белгија.
Одлуката предизвика бурни реакции во фудбалската јавност. Повеќе светски медиуми објавија дека интервенирал американскиот претседател Доналд Трамп, кој во меѓувреме разговарал со првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи повторно да се разгледа суспензијата на Балогун.
Иако Балогун доби можност да настапи, не успеа да им помогне на САД да избегнат убедлив пораз.
По победата, белгиските репрезентативци не го криеја задоволството.
„Во животот секогаш постои правда. Сметавме дека тоа што се случи не беше фер, а денес одговоривме на теренот“, изјави белгискиот играч за врска Николас Раскин.
Белгискиот фудбалски сојуз потоа ја обвини ФИФА за нетранспарентност во процесот на донесување на одлуката и најави правна постапка.
Капитенот на Белгија, Јури Тилеманс, рече дека контроверзноста околу Балогун му помогнала да го мотивира неговиот тим.
„Да бидеме искрени: одржавме состанок кога ја слушнавме веста“, рече Тилеманс по натпреварот и продолжи: „Си рековме дека мора да проговориме на теренот. Тоа го направивме денес. Многу сум горд на тимот.“
Со победата над САД, Белгија обезнеди место во четвртфиналето каде ќе игра против Шпанија.


