„Борбата за Македонија денес е борба за подобар живот, достоинството на граѓаните и за држава. Европската иднина мора да биде конкретна национална цел околу која ќе се обединат сите сили во општеството“.
Вака звучеа дел од пораките што ги испрати лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од Прилеп каде опозициската партија под слоганот „Борба. Непокор. Иднина“ организираше марш по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Во обраќањето пред членовите и симпатизерите, тој рече и оти борбата за Македонија денес е и против нејзина распродажба.

„За рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават државата на распродажба за туѓи профити и за провизии“, рече Филипче.
Критикувајќи ги политиките на актуелната власт, тој обвини дека се трошат ресурсите, се разорува довербата и чесните луѓе се оставаат да ја плаќаат цената.
Филипче зборуваше и за иселувањето велејќи оти најтажната слика во земјава се празните училишни клупи што, според него, е аларм што треба да го слушнеме сите.
„Држава без млади луѓе нема иднина. Ние не смееме да се помириме со тоа и нема да се помириме. Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И најмногу од се, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина“, рече Филипче.
На маршот на опозицијата во Прилеп, присуствуваа симпатизери и членови на партијата, раководството на СДСМ, дел од актуелните пратеници како и претставници на коалициските партнери.
По повод одбележувањето на 85-годишнината од народното востание и празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, Владата најави дека утре ќе се одржи свечена академија на Спомен костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“. Свое обраќање ќе има и премиерот Христијан Мицкоски.


