Владина кошничка не постои, постои минимална и просечна потрошувачка кошничка. Владина не постои, реагираше премиерот Христијан Мицкоски откако доби новинарско прашање дали власта планира во кошничката што вчера ја презентираше Министерството за економија и труд да вметне трошок за кирија или рата за кредит.
Тој ги нападна останатите кои пресметуваат потрошувачка кошничка велејќи дека ни самите не знаат дали се минимални или просечни.
„Владата прави статистика врз основа на критериумите што ги има Евростат и што важат за целиот свет. Кај нас има институции коишто си прават сопствени кошнички коишто тие самите не знаат дали се минимални или просечни, па потоа експертите излегуваат и ги демантираат – им велат дека се просечни. Она што е важно дека таа кошничка потрошувачка се презентира на Економско социјалниот совет на кој присуствуваат и синдикатите и нивните претставници. Се разговара, се дебатира и тие се сложни. Очекувам на следниот ЕСС да биде презентирала и нормално понатаму ние преку Државниот завод за статистика да ја претставуваме на граѓаните“, изјави Мицкоски.
Потрошувачка кошница во земјава пресметува и редовно секој месец објавува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Но, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ подолг период има критики за методологијата на кои синдикалците ја пресметуваат.
По долги најави дека ќе објави друга методологија и пресметка, Министерството за економија и труд вчера (9 октомври) излезе со пресметка според која потрошувачката кошница во август изнесувала 58.475 денари, додека вредноста на кошницата што ја пресметува синдикатот достигна 68.676 денари.
„Синдикалната кошница се базира врз процена на посакуваните трошоци за живот, додека нашата пресметка се темели врз официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, пак, порача дека едно семејство самото знае најдобро колку пари му се потребни. Но, потсети дека ССМ пресметува вредност на Синдикална минимална кошница која покажува – не колку средства се потребни за да се преживее, туку покажува дека не се живее ни со толку.
„Дали едно семејство може просечно да живее со владината кошница е прашање за секое семејство, но дури и ваквата владина кошница ако има за цел да креира политики покажува дека платите треба да се зголемат за најмалку 6.000 денари, затоа што со две минимални плати, за да се покрие истата недостасуваат 6.383 денари, а со што се потврдуваат барањата на работниците и на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите плати“, реагираше Трендафилов.
Сојузот на синдикати на Македонија пресметува синдикална потрошувачка кошничка од 2011 година.


