Да се намали бројот на неработни денови – секој работник во Македонија да има максимум 13 празници што нема да ги работи во текот на годината. Празниците што се паѓаат во недела, да не се префрлаат како неработни во понеделник.
Ова се дел од клучните барања што компаниите дел од Стопанската комора ќе го достават до Министерството за економија и труд.
Причината за ова од Комората ја „поткрепуваат“ со тоа дека „отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер“.
По ваквите предлози, Слободан Трендафилов, првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вели дека „не изненадува фактот што газдите мислат како да скратат од работниците“, но, додава, да помислат како да ги платат „не доаѓа предвид“.
„Во услови кога одбиваат зголемување на работничките плати да бараат кратење на правото на работниците да бидат дома, е несериозно. Сметавме дека газдите во Македонија се малку попаметни“, вели Трендафилов.
Во моментов, според Законот за празници, за сите македонски граѓани има вкупно 11 неработни денови. Дополнително, пет неработни дена имаат православните христијани или вкупно 16. Католиците имаат три верски празници, муслиманите еден.

Секоја етничка заедница од оние што се мнозински во Македонија имаат по уште еден ден: Албанците го празнуваат Денот на албанската азбука, Србите – Свети Сава, Ромите – Меѓународниот ден од Ромите, Турците – Денот на наставата на турски јазик итн.
Надлежно за ова прашање е Министерството за економија и труд. По јавно изнесените барања од Стопанската комора, во коментар за Колегиум.мк оттаму посочува дека како ресорно министерство се отворени за дискусија, но дали и што би се променило воопшто ќе зависи од сеопфатна анализа што треба да биде направена.
Што точно бараат газдите?
Проектната менаџерка во Стопанската комора, Анета Димовска, која ги презентираше предлозите, посочи дека тие не бараат бришење или укинување на конкретни празници туку да се ревидираат правата што се даваат со закон за сметка на нивните барања како стопанственици.
На пример, тие предлагаат 11-те неработни денови кои важат за сите граѓани и понатаму да останат на сила, но да се скрати од останатите празници – односно работниците да изберат само два дополнителни денови што би ги празнувале.
„Од сите овие празници кои не се однесуваат на сите, со договор за вработување при вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува, и така би се определиле два дополнителни денови, со што вкупниот број на неработни денови би се свел индиректно на 13 неработни денови“, рече Димовска.
Тоа на пример би значело, работник припадник на православната вероисповед да избере само два од верските празници што би ги празнувал наместо сите како што е во моментов: Бадник, Водици, Велики Петок (пред Велигден) Духовден или Голема Богородица.
Вториот конкретен предлог на Комората е празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Ваквите предлози ќе бидат детално разгледани од Министерството за економија и труд.
„Со оглед на тоа што барањето на Стопанската комора за намалување на бројот на празници е прашање со пошироко општествено и економско влијание, одговорот на ова прашање ќе зависи од изработката на сеопфатна анализа која ќе ги земе предвид сите економски и социјални аспекти и ќе се изврши усогласување на ставовите меѓу сите социјални партнери“, велат од Министерството за економија и труд.
„Од Македонија веќе бегаат и работниците од Индија“
Додека Министерството ги очекува предлозите за разгледување, од ССМ ги потсетуваат работодавците дека треба да плаќаат повисоки дневници за работниците на празници.
„Размислувањето на работодавачите да скратат нешто што не плаќаат, а денес работата на празник е 250% дневница, и тие да сакаат да скратат само за да не ги платат, не само што сметаме дека е несериозно, туку и крајно навредливи за работниците. Тие одбија да ја зголемат минималната плата, одбија да ги зголемат сите останати плати и сега и она мало достоинство што им е останато на работниците што нужно мора да работат на празници, да сакаат да им го одземете и тоа, е несериозно“, вели Трендафилов.
Според него, и вака работниците ги поминуваат празниците со скромни трпези и затоа не треба да им се крати можноста да бидат со семејството дома.
„Сметам дека ваквите барања веројатно служат некому за дестимулирање на работниците, тие се најголемите виновници што македонскиот работник замина од Македонија и што продолжува да заминува. Дури заминуваат и оние од Индија“, додаде претседателот на ССМ.
Забелешки и зошто работниците трошат пари во странство за продолжени викенди
Во објаснувањата зошто би требало да се направи промена во системот за празници во државата, од Стопанската комора забележаа и дека моменталната поставеност на системот е спротивна на Уставот бидејќи имало нерамномерност меѓу работниците.
Димовска даде пример со припадник на српската или влашката заедница – доколку тој е православен, покрај 11-те денови за сите граѓани, ќе има неработни уште 5 дена од верските празници и уште еден врз основа на етничката заедница. Од друга страна, некој со исламска вероисповед ќе има помалку денови.
А, исто така забелешка од Стопанската комора имаат и во однос на тоа што токму за празници граѓаните патувале во странство и нивната потрошувачка била насочена надвор наместо во домашната економија.
„Голем дел од празниците ги минуваме во странство и потрошувачката и приходите се насочуваат кон економии на други држави“, рече Димовска.
По колку неработни денови имаат работниците во Европа?
Стопанската комора се повика и на анализа што опфатила 36 земји од Европа и истата покажала дека во 70% бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Македонија, нагласуваат, е во тие рамки ако се земат само 11-те дена што се неработни за сите граѓани.
Ако се додадат, на пример, и деновите што ги користат православните верници тогаш бројот изнесува 16, што според нив, е на врвот на Европа.

Покрај неработните денови за празници, законскиот минимум за платен годишен одмор во Македонија е 20 дена.
Зависно од тоа која вероисповед и националност е работникот, во случај да добива само минимални 20 дена одмор, со празници (доколку е православен христијанин) вкупниот број неработни денови во годината достигнува до 36 дена.
Доколку работникот има 26 дена одмор и на него се додадат 11-те празници, плус дополнителните пет (ако е православен христијанин) и уште еден од етничките заедници, тогаш вкупно добива 43 дена.
Но, како е во Европа?
Според податоците објавени од Европската Унија во ноември 2025 година, најмногу неработни денови (празници и годишен одмор) имаат работниците во Малта – 42 и Данска – 41. Потоа следуваат: Австрија и Чешка со по 38 дена; Италија и Луксембург – 37; Финска, Франција, Шпанија, Шведска – 36.
Најмалку неработни дена, пак, имаат во: Холандија и Ирска – 29; Белгија – 30; Унгарија, Грција и Естонија 31.


