Владата и Министерството за економија и труд се отворени за разговори со синдикатите и работодавачите за промена на формулата за минималната плата, вклучително и пресметка според медијалната плата, најави министерот Бесар Дурмиши на брифинг со новинарите.
Тој посочи дека секоја промена мора да се темели на реални економски показатели, како што се инфлацијата, куповната моќ, невработеноста и состојбата во приватниот сектор.
Прашањето за минималната плата ќе биде разгледано на Економско-социјалниот совет. Според актуелната формула, минималната плата се усогласува со 50 отсто од растот на трошоците на живот и 50 отсто од растот на просечната плата.
„Ќе видиме, на некој од Економско-социјалните совети оваа година сигурно ќе биде ставено и ова на маса да се дискутира. Ајде да се договориме за колективниот договор. Затоа што има одредени институции во кои раководител на сектор зема повеќе плата од министерот или повеќе плата од некој друг што работи многу повеќе. Кога ги разгледуваме овие барања, тие се спротивставуваат. Ајде да седнеме и да ја промениме формулата за пресметување на минималната плата“, рече Дурмиши.
Тој најави дека во септември ќе продолжи и работата на финализирање на пресметката на просечната потрошувачка кошничка.
Министерот информираше и дека ресорот досега реализирал пет чекори од Реформската агенда, за што Македонија очекува околу 20 милиони евра од Европската Унија. Средствата би биле наменети за сервисирање долгови, капитални инвестиции и експертска поддршка.
„Овие средства ќе бидат поделени на три дела: едниот ќе биде за сите, тој дел ќе оди во Министерството за финансии, во буџетот на државата, за покривање на долговите што ги имаме, другиот ќе оди за капитални инвестиции и третиот ќе оди за поддршка на експерти коишто ќе ни помагаат за натаму да ги исполниме чекорите“, појасни Дурмиши.
Во однос на новиот Закон за јавните претпријатија, тој ги отфрли тврдењата дека се планира продажба на државниот удел. Законот, како што рече, е дел од Реформската агенда, а неговата примена ќе започне една година по донесувањето, со цел институциите да имаат време за подготовка.
Дурмиши најави и два јавни повика за поддршка на конкурентноста на компаниите од преработувачката индустрија, со вкупна финансиска поддршка од седум милиони денари.


