Владината потрошувачка кошничка чека одобрување од Економско – социјалниот совет

Објавено:

Подготвена е просечната потрошувачка кошничка која Владата ја најави уште минатата година. По усогласувањето на мислењата на синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите, таа сега треба да го помине филтерот во Економско-социјалниот совет (ЕСС), па дури потоа да почне да се пресметува.

Веста стигна од заменик-министерот за економија, Марјан Ристески кој рече дека оваа кошничка не треба да се сфаќа како пандан на синдикалната минимална кошничка, туку ќе служи за креирања на политики и донесување на закони за заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Таа едноставно ќе биде врз база на релевантни показатели, не само од Државниот завод за статистика, туку и од сите други институции во државата – од маркетите, пазарите… Таа ќе ни биде потребна кога имаме економски кризи или одредени економски политики, да ни дава насоки во креирање нови законски решенија, економски стратегии, одлуки“, истакна заменик-министерот Ристески.

Кошничката ќе се изработува паралелно со синдикалната кошничка на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според најавите, целта е да се добие „реална слика“ за минималните трошоци потребни за живот на едно четиричлено семејство.

Од Владата сметаат дека синдикалната кошничка е нереално висока, бидејќи во неа се пресметуваат и трошоци за кирија, иако, според нивните податоци, најголем дел од граѓаните живеат во сопствени домови. Дополнително, владините претставници оценуваат дека во синдикалните пресметки се вклучени и производи кои не се дел од основните животни потреби.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во неколку наврати информираше дека владината методологија ќе опфаќа 101 производ и услуга, а во пресметките ќе бидат вклучени само основните и неопходни трошоци за живот. Новата кошничка нема да содржи производи и услуги што не се сметаат за неопходни, како алкохол, цигари, летувања или сезонско овошје со повисоки цени.

Од друга страна, ССМ останува на ставот дека нивната потрошувачка кошничка ја покажува реалната состојба со трошоците за живот во државата.

Според последните пресметки на Синдикатот, на едно четиричлено семејство му се потребни повеќе од 67.000 денари месечно за покривање на основните потреби, вклучувајќи храна, комуналии, превоз, облека и домување.

Најавата за новата владина кошничка предизвика реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Дел од економските аналитичари и граѓани предупредуваат дека со измена на методологијата може вештачки да се намали прикажаниот трошок за живот, додека други сметаат дека е потребна пообјективна и попрецизна пресметка на реалните потреби на домаќинствата.

Официјалното објавување на новата просечна потрошувачка кошничка се очекува до крајот на следниот месец.

Во врска пак со измените на Законот за нефер трговски практики, Ристески рече дека очекува да бидат донесени летово. Повтори и дека казните ќе бидат многу поригорозни, а со одредбите ќе бидат опфатени и добавувачите.

Законот за забрана на нефер трговски практики почна да се применува на 28 септември 2024 година. Негова главна цел е да спречи големите трговски ланци и откупувачи да ја злоупотребуваат својата пазарна моќ врз производителите, дистрибутерите и добавувачите на храна. Најважната одредба е ограничувањето на рабатите и дополнителните трошоци што маркетите им ги наплатуваат на добавувачите. Според законот, тие не смеат да надминат 10 проценти.

Владата уверува дека законот ќе придонесе за намалување на цените на храната и ќе создаде пофер односи меѓу маркетите и домашните производители. СДСМ тврди дека нема реално намалување на цените и дека граѓаните не чувствуваат вистински ефект во маркетите.

Дополнително, дел од опозицијата и економските аналитичари предупредуваат дека постои ризик трговците формално да го почитуваат законот, но преку нови договорни ставки и скриени трошоци повторно да ги префрлаат трошоците врз добавувачите и потрошувачите.

Контролата за спроведување на овој закон ја врши Комисијата за заштита на конкуренцијата, а предвидени се казни и до 20.000 евра.