Растот на цените во Европа и натаму останува висок во голем дел од европските држави, иако инфлацијата постепено се намалува во однос на рекордните нивоа од претходните години, покажуваат најновите податоци за 2026 година, објавени од Евростат.
Според тој статистички извештај, кој интегрално го објави и Парламентот на Обединетото Кралство, Романија со 9% има највисока годишна инфлација во Европа, на второто место е Косово со 6,5% проценти, а трета е Бугарија со 6,2 проценти. Меѓу земјите со највисока инфлација се и Хрватска, Луксембург, Исланд, Литванија и Северна Македонија, која бележи стапка од 4,9 проценти.
Во првите 15 земји според инфлацијата се и Грција, Грузија, Белгија, Словачка, Ирска, Норвешка и Шпанија.
Според Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во Македонија, во април 2026 година, во однос на март 2026 година, изнесува 1,3 %. Статистиката покажува дека трошоците за живот во Македонија во април 2026 година, во однос на април лани, бележат зголемување од 5,7%, а цените на мало раст од 5,0%. Според истиот извор, цените на мало во април годинава, пак, во однос на март, забалежале раст од 3,2 %.
Каде се најсилните ценовни притисоци?
Анализата покажува дека најсилните ценовни притисоци и натаму се присутни во Југоисточна Европа. Во Романија, покрај растот на цените на храната и горивата, инфлацијата дополнително е поттикната и од поскапувањето на кириите. Во Бугарија, пак, инфлацијата стана чувствително политичко прашање по воведувањето на еврото во јануари 2026 година, бидејќи дел од граѓаните стравуваа дека влезот во еврозоната ќе предизвика дополнителен раст на цените, пишува Вижуал капиталист.
Според аналитиката на Евростат, најголемите европски економии и натаму се соочуваат со инфлација над таргетот на централните банки. Франција има инфлација од 2,5 проценти, Германија 2,9 проценти, а Обединетото Кралство 3,3 проценти. Економистите оценуваат дека растот на цените на енергенсите, поврзан со геополитичките конфликти како војните во Иран и Украина, и натаму врши силен притисок врз трошоците за живот низ Европа.
Најстабилни земјите со своја национална валута
Од друга страна, само неколку европски земји ја држат инфлацијата блиску до целта од 2 проценти – Чешка и Шведска со 1,5 проценти, Данска со еден процент и Швајцарија со само 0,6 проценти инфлација. Швајцарија во моментов има една од најниските стапки на инфлација во светот, а земјата успеала да избегне и дефлација, односно негативна инфлација. Воочливо е дека ниту една од овие држави не го користи еврото како национална валута.
Кој е виновен?
На оваа тема последните неколку денови има и силни препукувања помеѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија е шеста најсиромашна земја во Европа, објави „WorldAtlas“ додека Христијан Мицкоски секојдневно раскажува бајки за трета економија во Европа. Реалноста е сосема поинаква. Граѓаните секој ден ја чувствуваат вистината преку празните паричници, високите цени и се потешкиот живот. Алармантно лоша е и состојбата со Буџетот, снемува пари. Се случува токму она на што СДСМ подолго време предупредуваше“, реагираше вчера СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ нема кредибилитет „да зборува за економија“.
„СДС повторно шири паника, манипулации и лажни катастрофични сценарија, истите оние кои 7 години ја уништуваа македонската економија, ја задолжија државата и ги оставија граѓаните со најниски плати и највисока инфлација. Затоа токму СДС нема кредибилитет да зборува за економија. За време на нивното владеење Македонија беше понижена, економски ослабена и заробена во криминал, тендери и неспособност“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на критиките од социјалдемократите.
Што велат бизнис секторот, синдикалците и експертите?
Дека Македонија може да има уште посериозни последици од глобалната инфлација, предупредувања има и од бизнис секторот.
Според претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, најавите за брзо стабилизирање на инфлацијата не се реализирале, а секое ново продлабочување на кризата би можело сериозно да го погоди македонското стопанство.

Според него, економската структура на државата е особено ранлива и токму затоа е неопходно институциите навреме да реагираат пред состојбата да излезе од контрола.
„Корупцијата останува најтешкиот товар што ја кочи државата, а економијата се движи по тенка линија меѓу неизвесноста и ризикот од нов инфлаторен удар“, рече Азески пред стартот на конференцијата „Бизнис со интегритет“, минатата недела во Скопје, предупредувајќи дека домашните компании веќе работат на граница на издржливоста.
Во својата објава на социјалните мрежи за неодамнешното усогласување, а не зголемување на минималната плата, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, се осврна и на конкретните бројки за состојбата со инфлацијата во април. Според него, „минималната плата во Македонија е усогласена за +6,8%, априлската инфлација изнесува +5,7%“.
Професорот Нику Спринчан од Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Романија, предупредува дека балканските компании имаат остар рефлекс за поскапување кога растат трошоците, но многу бавно ги корегираат цените надолу кога пазарот се смирува. Професорот, во интервју за МИА, вели дека „Балканот има потенцијал за економски раст од над 4 % годишно, но само ако престанеме да цртаме цели на хартија и почнеме со реални, болни реформи“.


