Во време кога многу економски сектори се соочуваат со криза, кога стагнира производството, се отпуштаат работници, а инфлацијата расте, вештачката интелигенција бележи невиден напредок и во исто време генерира зависност кај другите индустрии од нејзиниот клучен сегмент – чиповите.
Компании како OpenAI, Microsoft, Google DeepMind, Anthropic и NVIDIA инвестираат милијарди во развој на нови технологии, отворајќи нови пазари, нови системи, нов начин на функционирање и компонирање на глобалната индустрија.
ВИ веќе е присутна во медиумите, каде што се користи за автоматизирано пишување и анализа на содржини: во индустријата, каде што оптимизира производни процеси, во училиштата, каде што помага во наставата и персонализираното учење, во здравството, каде што поддржува дијагностика и третмани.
Овој тренд е глобален – од САД и Европа до Азија – и секако присутен и во Македонија, каде што медиумите, универзитетите и компаниите веќе интегрираат АИ во секојдневната работа.
Клучната промена е во начинот на размислување и повеќе не се поставува прашањето „Дали ќе ја користиме ВИ?“, туку „Како ќе ја користиме?“.
Дали за продуктивност и креативност, за решавање комплексни општествени проблеми, за учење…?


