Дали чиповите стануваат новата „нафта“ во глобалната економија?

Објавено:

Нафтата секогаш била на врвот на листата ресурси кои ја движеле и ја движат глобалната економија и ја диктираат геополитиката. Но сега се чини дека таа има многу сериозен конкурент и дека нејзината „лидерска“ улога можат (или веќе ја преземаат) чиповите.

Од смартфони и лаптопи, до автомобили и медицинска опрема – секој уред зависи од нив. Недостигот што се засилува од 2020 наваму ја открива кревкоста на снабдувачката мрежа и ја претвори индустријата во стратегиско поле на глобална конкуренција.

Трка со Кина или трка со времето?

Според Wall Street Journal, чиповите се новата нафта. Угледниот медиум во една од своите анализи вели дека недостигот од чипови и стравот од амбициите на Кина да доминира во индустријата доведоа до трка за зголемување на американското производство. САД инвестираат милијарди во фабрики на Intel и TSMC во Аризона, додека ЕУ преку Chips Act сака да достигне 20% удел на глобалниот пазар.
Bloomberg, пак, предупредува дека кризата со чиповите може да ја забави дигиталната трансформација и да ја намали профитабилноста на компаниите.
„Недостигот ја инфлира цената на уредите и го нарушува корпоративното планирање,“ стои во нивната анализа.
Financial Times, пак, има подлабока математика и потенцира дека глобалните продажби на чиповите достигнуваат 975 милијарди долари, но недостигот создава ризик за глобалниот БДП.

top 5 chip kompanii 2026 / AI generated
ТОП 5 чип-компании во 2026 / AI generated

Последици и ценовни скокови

DW во една од своите анализи вели дека „смартфоните и лаптопите веќе бележат раст на цените од 20–30%.

„Ерата на евтина меморија заврши“, пишува Дојче Веле.

CNBC дава и конкретни примери: Недостигот директно ги погодува цените на гаџетите – конзоли, таблети, смартфони, лаптопи… Bloomberg, исто така, става акцент на посакапувањата: Медицинската технологија и серверите за клауд услуги се под ризик од поскапување и недостапност.

И Guardian се осврнува на поскапувањата, па го нагласува предупредувањето од автомобилскиот гигант Volkswagen, кој вели дека недостигот на чипови може да предизвика застои и пад на профитите во автомобилската индустрија.

IDC уште лани гледаше „и од другата страна“, кога констатираше дека побарувачката од AI дата-центрите троши до 70% од светското производство на мемориски чипови, оставајќи малку за потрошувачите.

„Ситуацијата е толку акутна што може да ја наруши целата глобална дигитална економија“, наведе лани IDC.

Во својата анализа насловена „Chip crunch and the AI boom“, светската новинска агенција Ројтерс вели дека побарувачката за AI чипови ја стеснува понудата за останатите индустрии, а угледниот Wall Street Journal вели дека „чиповите се новата нафта и дека без нив светот застанува.

А дека кризата не е моментална и дека прогнозата за во иднина не е сјајна се осврнува Bloomberg, кој заклучува дека „недостигот на чипови е најголем ризик за растот на глобалниот БДП во следните две години“.

Кој профитира најмногу?

Според анализите на Reuters, WEF и на Yole Group, Кина е најголемиот бенефициент од кризата со чиповите во 2026. Побарувачката за AI инфраструктура и новиот економски Петгодишен план на Кина ја позиционираат земјата како глобален лидер.

Според истите анализи, додека САД и ЕУ се борат со недостиг на инженери и зависност од Тајван, Кина инвестира агресивно и ја зајакнува својата самостојност.

Чиповите денес се стратешки ресурс кој ја движи економијата, ја дефинира геополитиката и ја обликува иднината на технологијата. Недостигот од чипови не е само технолошки проблем – тоа е глобален економски ризик кој може да ја забави дигиталната трансформација, да ја крене сериозно цената на смарт уредите кои ни се секојдневие и да ја прераспредели моќта меѓу државите.