Зајакнување на присуството на Европската Унија на Арктикот, регион каде што геополитичките тензии достигнаа врв во последните месеци, е на дневниот ред на самитот што денеска се одржува во северниот фински град Рованиеми, попознат како градот на Дедо Мраз. Некои медиуми во Франција потсетуваат дека се изминати седум месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп по трет пат се закани дека со сила ќе го преземе Гренланд, огромниот арктички остров и автономна данска територија, предизвикувајќи голема криза меѓу западните сојузници.
Оттогаш, тензиите меѓу Европејците и Американците се смирија, но европските лидери не ги заборавија овие закани и сега сакаат заеднички да разгледаат начини за зајакнување на своето присуство во регионот, свесни за присуството на непријателска Русија од другата страна на долгата финска граница.
На денешниот Европски самит за Арктикот ќе присуствуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц и данската премиерка Мете Фредериксен, заедно со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Средбата се одржува во време кога се очекува за неколку недели Европската комисија да ја презентира новата стратегија за Арктикот. Овој документ треба да ги дефинира главните насоки на Брисел за дејствување во регионот во наредните години.


