Руските воздушни напади во саботата усмртија девет лица, повредија десетици и оштетија објекти и инфраструктура низ Украина, додека Киев се подготвува за „многу тешка“ зима во услови на засилени напади врз земјата – објави Гардијан,
Бројот на цивилни жртви во Украина нагло се зголеми во изминатите два месеца, бидејќи Русија ги засилува нападите врз електроцентралите и другата инфраструктура. Украина изврши напади врз енергетски објекти и магацини во оддалечени делови на Русија, а двете страни ги гаѓаа и пловните објекти на другата страна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во објава на Телеграм, изјави дека Русија од раните утрински часови распоредила речиси 500 дронови против украински цели, пренесе новинската агенција Ројтерс.
„Во суштина, Русите ја проширија војната надвор од фронтот, каде што немаат успех, кон економијата, а нивната тактика е наједноставна што може да биде: уништување на секоја локација што би можела да им помогне на луѓето да се справат со условите на војната“, напиша Зеленски.
„Русија сака да ја уништи украинската економија и да го скрши нашиот отпор“, додаде Зеленски.
Градскиот совет на Краматорск, еден од украинските „градови-тврдини“ на фронтот, кои Русија сака да ги освои, соопшти дека руските сили напаѓале цивилни автомобили, при што загинале три лица во три одделни инциденти во период од 90 минути. Четири лица биле повредени.


