Зеленски: Одржувањето избори за време на војна би ризикувало да ја уништи Украина

Објавено:

Украина смета дека Русија планира да мобилизира дополнителни 300.000 војници за своите воени напори по руските парламентарни избори во средината на септември – истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски во изјава за медиумите објавена во неделата (23 август).

Тој го опиша тоа како дел од „периферна мобилизација“, насочена кон оддалечените региони на Русија.

Силите на Москва продолжуваат со напорите за заземање на преостанатиот дел од индустрискиот регион Донбас во источна Украина, каде што руските војници напредуваат, но, според Киев, тоа го прават по огромна цена – пишува новинската агенција Ројтерс.

Украинскиот претседател, коментирајќи го за првпат, барањето на разрешениот поранешен министер за одбрана Михајло Федоров, Украина да се подготви за одржување избори, остро ја критикуваше идејата.

За неа рече дека е непрактична со оглед на тоа што Русија очигледно нема интерес за прекин на огнот – пишува британски Гардијан.

„Сметам дека во услови на ваква војна, изборите воопшто претставуваат голем ризик. Изборите во овој момент се цунами за државата што ќе ја расцепи Украина“, рече тој, додавајќи дека неговиот план е да ја заврши војната и да ја зачува Украина како независна држава.

„Ако сакаме да ја уништиме земјата, тогаш во услови на ваква војна можеме да се впуштиме во организирање избори“, рече Зеленски на брифинг со одбрани новинари, одржан во саботата, но чии детали беа објавени денеска.

Изборите во Украина се суспендирани откако беше воведена воена состојба на почетокот на целосната руска инвазија.

Петгодишниот мандат на Зеленски истече во мај 2024 година, но до неодамна во Украина немаше голем интерес за одржување избори додека војната продолжува.

Тоа се промени кога Федоров, популарен министер кој Зеленски го разреши еден месец претходно, повика на нови избори. Тоа беше најотворениот предизвик за авторитетот на Зеленски од внатрешноста на Украина откако започна руската инвазија.

Според транскриптот од брифингот, Зеленски посочи дека, доколку сојузниците на Украина воспостават „конкретни услови“ под кои изборите во Украина би можеле безбедно, легитимно и демократски да се одржат, тој би ги поддржал.