Руски напади со беспилотни летала и ракети убија најмалку седум луѓе во Украина, соопштија официјални лица во саботата (22 август), додека украински напад со беспилотни летала врз рускиот регион Краснодар уби три лица – објави американската новинска агенција Асошиејтед прес (АП).
Нападите се случија еден ден откако во руски напад врз украински трговски центар беа убиени најмалку 16 луѓе, а околу 130 беа повредени.
Силите на Москва неодамна ги засилија нападите со балистички ракети врз Киев, искористувајќи го хроничниот недостиг на американски пресретнувачи за противвоздушната одбрана „Патриот“ во Украина, единственото оружје во нејзиниот арсенал способно да ги соборува овие ракети.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски изјави дека едно лице загинало, а друго било повредено во најновите напади, откако балистички ракети во текот на ноќта ја погодиле железничката инфраструктура во главниот град Киев, пренсе АП.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили погодиле депо за локомотиви.
Во одвоен напад, локалните власти соопштија дека во саботата попладне две лица биле убиени во руски напад со балистичка ракета врз Киевската област.
Во руски напади со беспилотни летала во текот на ноќта, исто така, загинало едно лице во Запорошката област, соопштија локалните власти во саботата, додека во напад извршен во текот на денот биле убиени уште три лица, а 15 биле повредени. Зеленски изјави дека уште три лица биле повредени во напад врз минибус во регионалниот главен град, кој исто така се вика Запорожје.
Во рускиот јужен регион Краснодар, властите соопштија дека во украински напад со беспилотни летала биле убиени три лица, меѓу кои и две деца, додека две возрасни лица биле повредени.
Најновите напади се случија еден ден откако руски беспилотни летала погодија трговски центар во градот Криви Рих, во централна Украина, а бројот на загинати според објавените податоци со утринските часови во саботата беше 16.
Украина, исто така, ја вознемири јавноста во Русија каде украинските беспилотни летала убија најмалку 10 луѓе во напади врз цели низ земјата и руските окупирани области на Украина, вклучително и магацин во сопственост на онлајн-продавницата „Озон“ (Ozon) и индустриски објект, соопштија руски официјални лица во саботата – пишува новинската агенција Ројтерс.
Русија и Украина истовремено ги засилуваат кампањите со беспилотни летала со цел да ја парализираат економската инфраструктура на другата страна, често напаѓајќи цели далеку од линиите на фронтот, додека борбите на бојното поле се приближуваат кон границата од четири и пол години.


