Витакер: Договорот со Украина за ракети за „Патриот“ нема да се заклучи до оваа зима

Објавено:

Долгорочниот договор за производство на ракети за системите „Патриот“ меѓу САД и Украина нема да биде заклучен до оваа зима, но во тек е работата на заедничко производство на опрема за противвоздушна одбрана со Украина и Европа, изјави постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, пренесоа американските медиуми.

„Не му дозволуваме на никој освен на американските производители да ги произведува тие ракети (PAC-3). Постојат можности за копродукција кои можеме да ги искористиме со Украинците и со Европјаните за да ја прошириме индустриската база и да ја поддржиме одбраната на Украина и Европа“,нрече Витакер, пренесува Фокс њуз.

Тој нагласи дека сега е најважно што е можно поскоро да ѝ се обезбедат на Украина средства за противвоздушна одбрана, било преку сојузниците кои имаат дополнителни ракети или со зголемување на производството во американските фабрики.

Пред еден месец, Украина и САД постигнаа политички договор за лиценци за производство на пресретнувачи PAC-3 за системите „Патриот“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека клучните испораки на ракетите треба да пристигнат во следните неколку дена.

„Патриот“ е американски систем за воздушна одбрана, а неговиот пресретнувач PAC-3 е едно од ретките западни оружја способно да ги собори балистичките ракети што Русија сè повеќе ги испукува кон украинските градови.

Зеленски, разговарајќи со новинарите по враќањето од самитот на НАТО и разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Турција, исто така рече дека разговорите со САД за „договорот за беспилотни летала“, односно заедничкото производство на беспилотни летала, продолжуваат.