Севернокорејска воена единица започна со распоредување во западна Русија и би можела да биде опремена со 120 балистички ракети и шест лансери за напади врз Украина, изјави официјално лице од украинскатавоено-разузнавачка агенција за новинската агенција Ројтерс.
Украина има серизен недостиг на напредни системи за противвоздушна одбрана, а Русија се обидува да го искористи тоа со користење повеќе балистички ракети, кои се особено тешки за соборување.
Русија истрела десетици севернокорејски балистички ракети кон Украина од крајот на 2023 година, но распоредувањето на севернокорејските ракетни сили би претставувало проширување на веќе обемната воена соработка меѓу Москва и Пјонгјанг.
Андриј Черњак од Главната управа за разузнавање на Украина изјави дека Русија планира да ја базира ракетната единица од околу 90 севернокорејски припадници во западниот руски регион Воронеж, во рамките на нејзината 112-та ракетна бригада.
Севернокорејските ракети повторно се забележани во Украина
Пјонгјанг веќе испрати нова серија од 40 ракети KN-23 и KN-24 и персонал во Русија, но конфигурацијата на распоредувањето и вкупниот број ракети ќе бидат финализирани на разговори на високо ниво следниот месец, рече тој. Русија очекува распоредувањето да вклучи 120 севернокорејски балистички ракети и шест лансери, додаде тој. Не е јасно каква точно улога би имале Севернокорејците во руските ракетни операции.
Опишаното распоредување од страна на Черњак се совпаѓа со тоа што Русија минатата недела ги истрела своите први две севернокорејски ракети кон Украина од минатиот август. Роб Ли, виш соработник во Институтот за истражување на надворешна политика (Foreign Policy Research Institute), аналитички центар со седиште во Филаделфија, изјави дека севернокорејските ресурси претставуваат значајна закана за Киев.
„Одбраната од балистички ракети е една од најголемите ранливости на Украина, па секое зголемување на количеството балистички ракети со кои се соочуваат ќе претставува уште поголем предизвик“, рече тој. Посебно голема загриженост за Украина ќе биде состојбата со нејзината противвоздушна одбрана оваа зима, кога Русија би можела повторно да ја таргетира електричната мрежа со жестоки напади како и изминатите години, додаде тој.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди тврдењата на Черњак, за кои тој рече дека се базираат на разузнавачки информации кои не можат да бидат откриени поради чувствителност. Руското Министерство за одбрана и амбасадата на Северна Кореја во Обединетите Нации во Њујорк не одговорија веднаш на писмените барања за коментар.
Северна Кореја се појави како близок сојузник на Русија по целосна инвазија на Москва врз Украина во 2022 година, а двете сили потпишаа пакт за заедничка одбрана во 2024 година. Северна Кореја испорача милиони артилериски гранати за воените напори на Русија и испрати 14.000 војници во рускиот регион Курск за да одбие украински копнен упад во 2024 година, велат украинските власти.
Минатата недела, украинските власти соопштија дека севернокорејска ракета израмнила со земја станбена куќа во централното украинско село Радушне, при што загинале најмалку пет членови на исто семејство.
Севернокорејските ракети се поголеми од руските, но помалку прецизни
Черњак рече дека минатонеделниот напад бил прв регистриран со користење на севернокорејски балистички ракети од август 2025 година, и дека бил извршен од новата серија од 40 ракети. Севернокорејските ракети KN-23 и KN-24 имаат поголем дострел и поголема носивост од рускиот еквивалент „Искандер“, но се многу помалку прецизни и се поврзани со напади со висок број цивилни жртви, велат украински воени извори.
Користењето на ракетите KN-23/24 се вклопува во шемата во која Русија се обидува да користи повеќе балистички ракети како нејзиниот Искандер 9M723, кои можат да бидат запрени само со американските системи за противвоздушна одбрана Патриот (Patriot). Русија започна со истрелување на ракети KN-23 и KN-24 кон Украина при крајот на 2023 година. Северна Кореја испорачала 150 вакви ракети помеѓу крајот на 2023 и август 2025 година, рече Черњак.
Тој додаде дека има околу 9.500 севернокорејски војници во рускиот регион Курск кој граничи со Украина, но дека во моментов тие не се директно вклучени во воените операции против Украина. Зеленски минатиот месец изјави дека Кремљ сака Северна Кореја да испрати уште 30.000 војници и дека во регионот Воронеж се во тек руски подготовки за нивен прием.



