Нереди и судири со полицијата во Хаг и во Косово по пресудата за Тачи и лидерите на ОВК

Објавено:

Немири, напади врз меѓународни институции и судири со полицијата избија веднаш откако Специјализираниот суд во Хаг ги соопшти првостепените пресуди за четирите поранешни водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Нереди и судири со полицијата имаше во Хаг, каде поддржувачите на осудените се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, по што имало и приведени.

Протести кои завршиле со нереди имало и во Косово, каде, според објавите на локалните медиуми и на светските новински агенции, имало директен напад врз седиштето на Еулекс во близина на Приштина.

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, е осуден на единствена казна од 25 години затвор, вклучувајќи го и времето поминато во притвор. Тој беше прогласен за виновен по неколку точки, за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, како воено злосторство, за суров третман како воено злосторство, за тортура како воено злосторство, за убиство како воено злосторство. Тачи е ослободен од неколку случаи на воени злосторства, како и од прогон, затворање и злосторства против човештвото.

Вториот обвинет, Јакуп Красниќи, поранешен претседател на косовскиот парламент, е осуден на единствена казна од 25 години. Третиот обвинет, Кадри Весели, исто така поранешен прв човек на Собранието, е осуден на единствена казна од 18 години затвор. Четвртиот обвинет, Реџеп Селими, поранешен министер за јавен ред, е осуден на единствена казна од 13 години.

Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото, а времето поминато во притвор е вклучено во казната.
Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети во Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во текот на 1998 и 1999 година.

Последни објави