Десетици лица се повредени во судир на два патнички воза во Прага, во близина на главната железничка станица во чешката престолнина.
Повеќето имаат полесни повреди, но неколку лица се потешко повредени, соопштија итните служби.
Судирот се случил на мост над фреквентната улица Зајфертова, недалеку од железничката станица, соопшти противпожарната служба.
Железничкиот сообраќај на една од главните линии низ Прага е во прекин, а меѓуградските возови се пренасочени кон други железнички станици, каде што патниците можат да го продолжат патувањето со метро.
Првичните информации укажуваат дека возовите се судриле при мала брзина, околу седум часот наутро.
Засега не е познато зошто двата воза се нашле на ист колосек. Едниот пристигнувал од градот Млада Болеслав, додека другиот штотуку тргнал кон Миловице.
Министерот за транспорт Иван Беднарик го опиша судирот како многу сериозен инцидент. Тој порача дека се истражуваат причините и околностите и најави дека расчистувањето на пругата ќе трае неколку часа.
Во возовите веројатно имало помалку патници од вообичаено, бидејќи 17 ноември е државен празник во Чешка.
Денот на борбата за слобода и демократија се одбележува во спомен на Кадифената револуција од 1989 година, како и на насилното задушување на студентските протести во 1939 година од страна на нацистичките окупатори.


