Специјализираните совети за злосторствата на ОВК во Хаг денеска ќе ја изречат првостепената пресуда за Хашим Тачи, обвинет за откривање на идентитетот на заштитени сведоци, попречување на правдата и непочитување на судот.
Во предметот за непочитување на судот, покрај Тачи, обвинети се и уште четворица поранешни припадници на ОВК – Башким Смакај, Исни Киљај, Фадиљ Фазљију и Хајредин Кучи.
Специјализираното обвинителство во Хаг во завршниот поднесок од 25 септември побара Тачи да биде осуден на шест години затвор, без во казната да му се пресмета времето поминато во притвор.
Обвинителството побара и по три години затвор за Смакај, Киљај и Фазљију, а за Кучи девет месеци затвор.
Според обвинението, во периодот од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одделни посети без привилегиран статус во притворскиот објект, Тачи им давал на Смакај, Киљај, Фазљију и Кучи доверливи информации за сведоците на обвинителството во посебниот предмет што се води против него за воени злосторства.
Тачи е обвинет дека им наложил да влијаат врз сведоците на обвинителството, давајќи им детаљни инструкции како да го направат тоа.
Според обвинението, Тачи се товари по три точки за обид за попречување на службено лице во вршењето на службените должности преку учество во заедничко дејствување на група, по четири точки за повреда на тајноста на постапката и по четири точки за непочитување на судот.
Смакај, Фазљију и Киљај се обвинети за обид за попречување на службени лица во вршењето на службените должности и за непочитување на судот, додека Кучи се товари за непочитување на судот.
Тачи на 16 септември беше осуден од Специјализираните совети на Косово на 25 години затвор за воени злосторства извршени во текот на 1998 и 1999 година.


