Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид итно постапило и веќе поднесе обвинение до охридскиот Основен суд против 31-годишниот насилник К.К. кој ја претепа и исфрли на улица од автомобил 26-годишната Сара.
Обвинението против него е за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена. Во текот на денот, со цел испитување на настанот, јавниот обвинител презеде повеќе дејствија. Испитана беше оштетената во присуство на социјални служби и беше наредено и извршено вештачење на видот и карактерот на нејзините повреди“, велат од ОЈО Охрид.
Заедно со обвинението, обвинителот бара и на насилникот да му се одреди притвор. За него, треба да одлучи Основниот суд Охрид.
Што се случуваше претходно?
Случајот со насилство ја згрози македонската јавност. Првичните детали беа наведени во полициското соопштение што го објави Министерството за внатрешни работи (МВР).
„На 15.11.2026 околу 02:00 часот, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо” во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди“, пишуваше во соопштението од МВР.
Но, потоа се создаде уште поголем револт кога излегоа информациите дека судот не му одредил притвор на осомничениот насилник, туку го пуштил да се брани од слобода со мерки на претпазливост.
Истовремено, таткото на претепаната девојка заврши во полиција и беше задржан во станица бидејќи се заканил на семејството на момчето откако неговата ќерка беше претепана.
Како што објави Колегиум.мк, по првичната реакција на надлежните, осомничениот насилник попладнето повторно беше приведен, додека таткото на девојката е пуштен на слобода, но му се одредени мерки на претпазливост.
За случајот претходно јавно прозборе и мајката на претепаната Сара која во објава на Фејсбук изнесе сериозни обвинувања за случувањата пред и по нападот, наведувајќи дека осомничениот, додека девојката била во бессознание, мислел дека е мртва, барал инструкции од својот татко како да се ослободи од телото.
„Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка. Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас. „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба“, напиша мајката Ирена на Фејсбук.
Случајот ги „згрози“ и политичарите – најавен и протест
На случајот не останаа рамнодушни ниту политичарите и функционерите, како и низа јавни личности.
Последен реагираше премиерот Христијан Мицкоски осудувајќи го, како што рече, „дивјаштвото“.
„А, воедно, како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг, сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата, лицето коешто го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата“, порача Мицкоски.
Претходно бурни реакции имаше и опозицијата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека е згрозен од насилството и потресен од сведоштвото на мајката дека имало обид да се заташка случајот.
„Прашањето кое што цела нација денес го поставува е до кога? До кога неказнивост за насилниците? До кога заштита на насилници и тепачи? До кога институционални пропусти? До кога заташкување? Само никој да не одговара од власта. Барам одговорност за секој што извршил, помогнал или го прикривал насилство. Нема да отстапиме пред насилството и неказнивоста. Пред нас е борба со мафијата. Бандата ќе одговара“, порача Филипче.
Форумот на жени на СДСМ најави дека утре (17 ноември) ќе организира и протест пред СВР Охрид „ во знак на поддршка на сите жени жртви на насилство и во знак на протест за нефункционалните институции водени од ВМРО кои ги штитат насилниците“. Оттаму ги повикаа граѓаните да им се приклучат на протестот.
Од Левица реагираа дека системот експресно реагира кога има закана за премиерот Мицкоски преку социјалните мрежи, но не и кога има претепана девојка.
„За Мицкоски е доволна една реченица на Инстаграм за да се активира целиот репресивен апарат, сами да го најдат коментарот, по допрен глас да постапат, сами да поднесат кривична пријава и да одредат притвор. За монструозно претепана девојка, ни болничкиот кревет, ни јавно изнесените фотографии и сведоштва не се доволни за насилникот да заврши во притвор!“, реагираше Левица.
Случајот во Охрид е уште едно во низата семејни насилства и насилства врз жени и девојки што ја потресуваат македонската јавност. Само до почетокот на 2026, регистрирани се и седум случаи на фемициди. Последниот беше во Богданци на 4 ноември кога 17-годишна девојка беше крвнички претепана, а потоа и запалена во автомобил од 21-годишно момче кое потоа изврши самоубиство.
На 8 ноември во Скопје се одржа и протест на кој стотици граѓани излегоа да го кренат гласот против насилството врз жените и девојките, но и да побараат одговорност од институциите.


